Георгиев е првиот интернет -шампион на Македонија во брз шах

360

Во конкуренција на импозантни 128 пријавени шахисти, по 15 кола тој убедливо победи со 13 поени

Македонскиот велемајстор (ВМ) и репрезентативец Кирил Георгиев (2.540 рејтинг-поени, рангиран на прото место пред турнирот), убедливо победи на првото Отворено државно првенство во брз шах преку интернет што се одржа во неделата. Во конкуренција на импозантни 128 пријавени шахисти (по четворица ВМ и интернационални мајстори, шест ФИДЕ-мајстори…), по 15 кола според швајцарски систем, победникот освои 13 поени (11 победи и четири ремија). Турнирот се играше за награден фонд од 60.000 денари.

Второто место го освои интернационалниот мајстор (ИМ) Филип Панчевски (Алкалоид), третото ИМ Никола Николовски (Гамбит Асеко СЕЕ) со по 11,5 поени, но Панчевски имаше подобар дополнителен критериум, потоа следуваат ВМ Драгољуб Јаќимовиќ (Алкалоид), ИМ Тони Лазов (Алкалоид), итн. Најдобра шахистка е Јана Анѓелковска (Алкалоид), која е на 25-то место, најдобар шахист до 16 години е Емил Ристески, на 10-то место, а до 12 години Даниел Стефановски, кој е на 82-то место, и двајцата од Гамбит Асеко СЕЕ. А најдобар шахист-ветеран (над 65 години) е Владимир Мицов, кој заврши на 16-то место.

– Турнирот беше многу силен и интересен, а играа речиси сите најдобри македонски шахисти во моментов. Ова беше многу добра идеја на Шаховската федерација на Македонија, да се организира ваков турнир, за да можат шахистите да си ја проверат моменталната форма со вакво темпо на размислување. Очекував да победам, но знаев дека ќе има тешка борба во одделни партии, како на пример со Јаќимовиќ, Панчевски. Сакам да изразам голема благодарност до сите учесници за спортската и фер игра – ни изјави победникот Кирил Георгиев.

Партиите се играа со време за размислување од три минути, плус две секунди по секој одигран потег по играч. Првенството, кое во иднина ќе биде традиционално, помина во одлична организација, а главен судија и администратор беше ФМ Зоран Стојчевски.