Гамбит со млад состав атакува на висок пласман на ЕКК

362
Тимот на Гамбит од 2015 година - Фото: Маја Јаневска-Илиева

Тешко дека ќе го повториме успехот од пред четири години во Скопје, но верувам дека овој состав има сили да биде меѓу првите пет на ЕКК, вели капитенот на екипата Зоран Стојчевски

Македонскиот женски клупски шах вторпат ќе биде дел од Европскиот клупски шах (ЕКК), годинава во Улцињ, Црна Гора (10-16 ноември), и вторпат ќе ја претставува екипата на Гамбит Асеко СЕЕ. Сѐ уште не се избледени сеќавањата на сребрениот медал што оваа екипа го освои на ЕКК во Скопје во 2015 година, кога беа освоени 11 бода (пет победи, едно реми и еден пораз). Тој историски успех го постигнаа Антоанета Стефанова (Бугарија), Александра Горјачкина (Русија), Јанг Чен (Кина), Динара Саудакасова (Казахстан) и Мадина Давлетбајева (Казахстан).

Во Улцињ боите на Гамбит Асеко СЕЕ ќе ги бранат младите бугарски шахистки, женскиот велемајстор (ЖВМ) Нургул Салимова (16), ФМ Белослава Крстева (15), женскиот интернационален мајстор (ЖИМ) Габриела Антова (17) и македонската сениорска репрезентативка Ивана Манова (18). Просечната возраст на екипата е 16,5 години.
– Одлучивме да настапиме со млад, но многу талентиран состав, со огромен шаховски потенцијал, според мене, идни светски шампионки. Тешко дека ќе го повториме успехот од пред четири години во Скопје, но верувам дека овој состав има сили да биде меѓу првите пет на првенството. Фаворити за првото место има повеќе, а би ги издвоил руските екипи Угра, СПБ, НОНА од Грузија, Монако. Се решивме за ваков состав од едноставна причина, во согласност со нашата клупска стратегија, која, пак, се базира да се игра со млад надежен состав, со што ќе дадеме пример и за преостанатите наши млади шахистки што ја сакаат оваа игра, оти е познато дека немаме многу шахистки кај нас – вели капитенот на екипата ФМ Зоран Стојчевски, кого во Улцињ ќе го придружуваат и секундантите ФМ Љубиша Андоновски и БМ Петар Арнаудов.

За Гамбит Асеко СЕЕ ќе играат Нургул Салимова (2.415 рејтинг-поени, ЖВМ-мајстор од годинава, сега 49-та во светскиот женски шах), Белослава Крстева (2.261, ФИДЕ-мајстор од 2016 година, на 268-то место во светскиот женски шах), Габриела Антова (2.318, ЖИМ-мајстор од 2018 година, 156-та во светскиот женски шах) и Ивана Манова (1.795 рејтинг-поени, 3.099 во светскиот женски шах).

Во машка конкуренција ќе настапи и Алкалоид, кој во 2016 година стана европски првак, а во 2017 беше вицешампион.