Врвот К2 првпат искачен во зима

75

Горди сме што бевме дел од историјата на човештвото и покажавме дека соработката, тимската работа и позитивниот ментален став можат да ги поместат границите на она за што сметаме дека е можно, напиша на фејсбук-профилот Нирмал Парџа, кој е еден од 10-те непалски алпинисти што го забележаа големиот успех

Група од 10 планинари/алпинисти шерпаси од Непал првпат во зима го искачи вториот највисок врв на светот, К2 (8.611 метри), кој се наоѓа на границата помеѓу Пакистан и Кина и се смета за еден од најтешките за искачување, објави „Би-би-си“.
– Целиот тим чекаше 10 метри под врвот за да се формира група, а потоа заедно сите се искачивме на врвот, пеејќи ја националната химна на Непал. Горди сме што бевме дел од историјата на човештвото и покажавме дека соработката, тимската работа и позитивниот ментален став можат да ги поместат границите на она за што сметаме дека е можно – напиша на фејсбук-профилот Нирмал Парџа, кој е еден од 10-те алпинисти што го забележаа големиот успех и кој за само шест месеци ги искачил сите 14 врва над 8.000 метри.
Непалските шерпаси беа разделени во три од четирите тима што зимава планираа да се искачат на К2, но по безуспешните обиди решија сами да формираат тим.
Од првото забележано искачување на К2 во 1954 година имало повеќе обиди тоа да се стори и во зима, почнувајќи од 1987-1988 година, но без успех, сѐ досега. Главната причина се ветерот што дува со брзина и од над 200 км/час и ниските температури, кои може да паднат и до минус 60 степени. На К2 има тесно грло, тесен, стрмен премин, каде што во 2008 година од лавина настрадаа 11 алпинисти.
Во 2014 година Здравко Дејановиќ стана првиот Македонец што се искачил на овој врв, по неуспешниот обид една година порано. Покрај К2, Дејановиќ ги има искачено највисокиот врв на светот, Монт Еверест (8.848 метри) во 2010 година и Анапурна 1 (8.091 метри) во 2015 година.