Во новата сезона во нов клуб

92

Имам доста понуди, но не брзам со одлуката, ќе бидам трпелив, ќе ги разгледам сите опции и потоа ќе пресечам, вели Ѓоргиев

НИКОЛА ЃОРГИЕВ, КАПИТЕН НА ОДБОЈКАРСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА

Нема одбојка, нема тренинзи, сега сум во фаза на своевидна физичка и ментална рехабилитација. Првпат по повеќе години, мислам од 2013 година, не сум имал подолг одмор, вели Никола Ѓоргиев, капитенот на одбојкарската репрезентација на Македонија, кој по прераното завршување на шампионатот во Германија, каде што настапуваше за Фридрихсхафен, се врати во родната Струмица.
Веднаш откако се врати дома, кон средината на март, Ѓоргиев мораше да биде и во 14-дневна самоизолација.
– Не беше баш пријатно и лесно, но бев подготвен за тоа што ме чека и прецизно си ги испланирав дневните активности. Вежбав, гледав стари фотографии и видеа, се потсетував на многу работи од минатото. Засега уште одморам, правам некои полесни вежби, масажи, воопшто одлично се чувствувам.

Од 1 јуни планирам да почнам со посериозни тренинзи, пред сѐ за подобрување на физичката подготвеност и за враќање во старата форма. Сето тоа ќе биде надвор, тука е и брат ми Ѓорги, ќе работиме заеднички, не планирам влегување во сала, за одбојка и слично, тоа подоцна, кога ќе знам како ќе се одвива продолжението на сезоната, кога и како ќе се игра – вели Ѓоргиев.
Откажани се мечевите во Европската златна лига предвидени за мај и за јуни, во која требаше да дебитира Македонија. Под знак прашалник се и квалификациските средби за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2021 година во август и во септември годинава. Македонија е во групата Ц, со Турција, Данска и со БиХ.

– Сѐ е отворено, сите чекаме што ќе одлучи Европската одбојкарска конфедерација на 1 јули. Има опции мечевите да се играат во септември, па во јануари следната година. Но тоа би било доста комплицирано, ќе треба да се прават доста промени во календарот на натпревари. Не знам што ќе се случи, не ни останува ништо друго освен да чекаме. Посакувам да се игра што е можно порано, да се собере македонската репрезентација на подготовки, да играме квалификации и да се обидеме повторно да се пласираме на ЕП – вели Ѓоргиев.

Едногодишниот престој во Фридрихсхафен е завршен и Никола Ѓоргиев е во потрага по нов клуб. Претходно тој настапуваше во клубови и од Србија, Италија, Турција, Франција, Јапонија, Полска и од Германија.
– Имам доста понуди, но не брзам со одлуката, ќе бидам трпелив, ќе ги разгледам сите опции и потоа ќе пресечам. Во Германија не се враќам, можно е пак да играм во Турција, Чешка или во Катар, ме бараат клубови од тие земји, веројатно ќе се јават и други, но има време за тоа, не ми е првпат да сум во ваква ситуација – вели Ѓоргиев.


Ѓорги Ѓоргиев се пресели во полскиот Завјерче

Плејмејкерот на македонската одбојкарска репрезентација Ѓорги Ѓоргиев, по две години во францускиот Париз волеј, во новата сезона ќе го носи дресот на полскиот прволигаш Завјерче.
– Тоа е нов предизвик за мене. Мислам дека направив добар избор, ќе играм во нов клуб, во нова силна европска лига. Моментно сум дома, во Струмица, се одморам, и јас морав да бидам во самоизолација откако се вратив од Франција.

Вежбам по малку со брат ми, имаме некои справи дома и така ќе биде сѐ до заминувањето за Полска, на подготовки, кон крајот на јуни, како што е планирано. Но останува да се види како ќе се развиваат работите, дали ќе имаме репрезентативен собир летово или квалификациите ќе се одложат или ќе треба да се фокусирам само на клупските обврски – вели Ѓоргиев, кој претходно настапуваше и за клубови во Бугарија, Турција и во Франција. 

[email protected]