Во Куманово се одржа отвореното тениско првенство на Македонија за јуниори

236

Во изминатите три дена на тенискиот комплекс „23 Октомври“ кај спортската сала во Куманово во организација на македонската тениска федерација и ТК Тумба од Куманово се одржа отвореното тениско првенство за јуниори и јуниорки до 14 години.

На отвореното јуниорско тениско првенство во Куманово настапија вкупно 19 јуниорки и 18 јуниори на возраст до 14 години од десетина тениски клубови од државата и по тридневните борби (од 06.- 08.10.) во финалето се пласираа јуниорките Јана Стојанова од ТК Тенис Парк и Ива Кузмановска од ТК Југ од Скопје, а кај јуниорите Марко Стоиловски од ТК Тенис Парк и Фреск Силхаси од ТК МТП од Скопје.

На крајот по завршувањето на финалните натпревари кои поради вчерашното кратко невреме беа прекинати па подоцна подолжени синоќа и тоа под рефлектори, јуниорски републички првак во тенис до 14 години во женска конкуренција стана тенисерката Јана Стојанова од ТК Тенис Парк, а додека пак во машка конкуренција првак стана кумановецот Марко Стоиловски исто така член на ТК Тенис Парк од Скопје.

Што се однесува пак до отвореното тениско првенство за јуниори до 14 години овој настан беше прв од ваков вид што досега се органиира во градот Куманово кога е во прашање тенискиот спорт кој во последно време кај младите во Куманово станува се популарен и привлекува се поголем број млади тенисери.

-Ова отворено првенство во целост ги оправда нашите очекувања кога е во прашање квалитетот на јуниорките и јуниорите до 14 години за што говори и податокот дека во финалето се пласираа првите носители на групите на турнирот. Што се однесува пак до младите тенисери од нашиот град, Куманово и тука имаме значителен прогрес што се должи на се поголемиот интерес на младите кон тенискиот спорт – истакна на првенството претседателот на ТК Тумба Далибор Димковски.

Т.Д.