Воландри: Ѓоковиќ по Мајами планираше да се повлече од тенисот

66

Поранешниот италијански тенисер, Филипо Воландри, изјави дека најдобриот српски тенисер Новак Ѓоковиќ размислувал да се повлече од тенисот на крајот од март по турнирот во Мајами, откако не успеа да ја врати посакуваната форма.

Но, Ѓоковиќ по неколку обиди изминатите две седмици успеа да се врати на голема сцена на светскиот тенис и го освои најпрестижниот турнир во светот Вимблдон.

– Ова е остварување на сонот особено ако се има предвид дека по Мајами се консултираше со неговиот тим и им соопшти да контактираат со спонзорите затоа што не е сигурен дали сака да продолжи да игра или не. Навистина размислуваше за тоа да престане да игра тенис – истакна Воландри.

Српскиот тенисер по турнирите во Индијан Велс и Мајами истакнал дека се почувствувал многу лошо на теренот и дека не вреди да се обидува да се врати на натпреварите.

– Токму за тоа разговаравме со Фабио Фоњини пред неколку дена и двајцата заклучивме дека се потребни само два добри натпревара за Ѓоковиќ да ја врати самодовербата. Но, не верувавме дека ќе победи на Вимблдон, иако со секој натпревар беше подобар – наведе Воландри.

Ѓоковиќ во финалето го победи Кевин Андерсон и ја освои четвртата титула на Вимблдон во неговата кариера.