Влхова повторно подобра од Шифрин во слалом

87

Словачката скијачка го повтори успехот од пред десетина дена, кога триумфира во слаломот на Сљеме, во Загреб

Светската шампионка во велеслалом, Петра Влхова од Словачка, вторпат во период од 10 дена беше подобра во слалом од Американката Микаела Шифрин, во Флашау, Австрија, во трка во рамките на Светскиот куп (СК). За Влхова, која ја победи Шифрин на Сљеме, во Загреб, ова беше 12-та победа во кариерата во СК, седум во слалом, три во велеслалом и две во паралелслалом.

– Разочарана сум од моето скијање, но вакви работи се случуваат на скијачките трки. Минатите години бев на врвот затоа што повеќе и понапорно тренирав од сите други. Работев и попаметно. Чувствував притисок, но тренирав толку напорно што самодовербата не ми беше најбитниот фактор. Можев да скијам добро дури и кога самодовербата не ми беше на највисоко ниво, доволно беше моето добро скијање. Во моментов тешко ми е сè да избалансиран, од она што сакам да го постигнам во спортот со сè друго, и да останам на врвот во дуелите против девојчињата што работат навистина напорно – објаснува Шифрин.

Претходно Влхова забележа две врзани слаломски победи над Шифрин во последната трка од сезоната 2016/2017 и на првата трка од следната 2017/2018 сезона. Потоа Шифрин победи на 18 од 20 слаломи пред последните два триумфа на Влхова.
Влхова (24), која е само три месеци помлада од Шифрин, е единствената слаломска ривалка на Американката во последните неколку години. Двете скијачки победија на последните 25 слаломи во СК (Шифрин 19, Влхова шест пати). Познато е и дека луѓето од стручниот штаб на Влхова ги снимаат тренинзите на Шифрин.

– Знам дека е лута затоа што сака секогаш да победува. Но добро е да се има Микаела блиску до себе, бидејќи таа ме турка да дадам повеќе отколку што мислам дека можам. Сметам дека за скијањето е многу важно да има повеќе девојки како нас. Сакам да имам пријателски однос со неа, но не можеме затоа што сме на врвот и сакаме да победуваме – вели Влхова, која за триумфот во Флашау доби 70.000 евра.
Мајката и долгогодишна тренерка на Шифрин, Ајлин, според „Денвер пост“, во 2017 година изјавила дека Влахова скија како Микаела, повеќе отколку што Микаела скија како Микаела.

Шифрин и натаму е со рекордни 43 победи во слалом во СК, како и сонародничката Линдзи Вон, но во спуст. Во СК остануваат уште четири слаломски трки сезонава (следната е на 16 февруари во Марибор, Словенија). Шифрин е водечка во оваа дисциплина со 440 поени, 80 повеќе од Влхова, и атакува на седмиот кристален слаломски глобус.