Викендов, 38-мо традиционално искачување „Титов Врв 2019“

215

Планинарскиот клуб (ПК) „Љуботен“ од Тетово викендов (25 и 26 мај) по 38-ми пат го организира традиционалното искачување на Титов Врв (2.747 мнв), кое низ годините стана препознатлив планинарски бренд во Македонија. Со вакви настани, Македонија гради традиција која трае и ја претставува пред меѓународната јавност, истакнувајќи ја грижата за зачувување на природата и стремежот кон здраво живеење и одржлив развој.

Првото искачување на Титов Врв во организација на ПК Љуботен беше во 1980 година и таа традиција продолжува.

Програмата започнува в сабота, 25 мај напладне со еколошка акција за чистење на Попова Шапка „Trash TagChallenge“. Потоа ќе се одржи трибина на тема: „Планинарењето, поттик за здрави навики кај младите”, организирана од Младинската комисија при Федерацијата за планинарски спортови на Македонија (ФПСМ), а ќе има и забавно-едукативен дел.

Искачувањето на врвот е предвидено за недела, 26 мај, со старт во 6.30 часот од платото пред хотелот „Попова Шапка“. Движењето е по Вакуфска патека со должина 12 км во еден правец и искачување со висинска разлика од 1.047 метри. Посебен белег на врвот е познатата планинарска кула која е изградена во 1955 година.

На настанот кој има меѓународен карактер и е дел од кампањата „ЕУ за ТЕБЕ“ организирана од Канцеларијата на ЕУ во Скопје, се очекуваат над 1.200 учесници. Сите учесници во акцијата треба да ги следат препораките на ФПСМ да поседуваат планинарска опрема предвидена за зимски услови. Л.Д.