Викендов повторно авто-трки во Кичево

160

Претстојниот викенд автодромот во Кичево ќе биде домаќин и на вториот натпревар од Шампионатот во брзински автомобилизам на кружни патеки. На патеката во Кичево се очекува да се појават триесетина возачи од десет клубови во земјава, а победниците од првиот натпревар, што на истата патека се возеше на 14 јули, се очекува да ја потврдат фаворитската улога и на овие трки.

-Во организација на АКК Кастум Кар Реисинг и ТИМ претстојниот викенд ќе се одржи вториот натпревар од Шампионатот во брзински автомобилизам на кружни патеки „Кичево-2 2018“. Рокот за пријавување беше до 27 август и секој возач што има желба да се натпреварува беше должен да уплати котизација во износ од 3 000 денари. За вториот натпревар очекуваме учество на триесетина возачи од десет клубови во земјава. Според програмата во сабота (1 септември) со почеток во 8.30 часот ќе се изврши технички преглед и верификација на возилата, а во 11 часот е неформалниот тренинг. Во недела (2 септември) со почеток во 10 часот ќе се одржи слободниот тренинг, додека во 12 часот е свеченото отворање на натпреварот. Половина час подоцна е почетокот на трките. Во оние класи во кои има помал број на возила истите ќе бидат споени во дивизии, а по традиција најбројно е учеството во класа 1 до 1 150 сантиметри кубни-информираше Маја Милошевска од АКК „Никола Карев“.

Инаку патеката во кичевската касарна е со должина од 2 050 метри, нејзината широчина изнесува од 6 до 9 метри, а неделните трки ќе финишираат по извозени 20 кругови.

З.А.