Венјун вторпат ја одбрани светската шаховска круна

93
Ју Венјун

Кинеската шахистка, која е светска првенка од 2018 година, во тајбрејк беше подобра од Русинката Горјачкина со 2,5-1,5

Кинезинката Ју Венјун (2.584 рејтинг-поени, рангирана на второто место во светот), ја одбрани светската шаховска титула, откако славеше во т.н тајбрејк (четири партии со темпо на размислување од 25 минути плус 10 секунди за секој одигран потег) со 2,5-1,5 против руската предизвикувачката Александра Горјачкина (2.578, рангирана на четвртото место). Во регуларниот тек од 12 класични партии, резултатот беше 6-6 (и двете имаа по три победи), а мечот се играше во Шангај и во Владивосток.

Венјун (28) е родена во Шангај, каде што и настапува за истоимениот клуб. Велемајстор (ВМ) е од 2014 година. Шампионка на Кина била во 2010 и во 2014 година, а злато има од шаховските олимпијади (ШО) во 2016 и во 2018 година, како и од екипните настапи на две светски првенства со селекцијата на Кина. Венјун стана светска првенка во 2018 г. во мечот со сонародничката Жонгуи Тан, а истата година и ја одбрани (по натпреварот со нокаут-систем), победувајќи ја во финалето Русинката Катерина Лагно. 


ДОСЕГАШНИ ШАМПИОНКИ
Вера Менчик 1927-1944
Људмила Руденко 1950-1953
Елисавета Бикова 1953-1956
Олга Рубцова 1956-1958
Елисавета Бикова 1958-1962
Нона Граприндашвили 1962-1978
Маја Чибурданидѕе 1978-1991
Кси Јун 1991-1996
Сузан Полгар 1996-1999
Кси Јун 1999-2001
Зу Чен 2001-2004
Антоанета Стефанова 2004-2006
Ху Јихуа 2006-2008
Александра Костењук 2008-2010
Хои Јифан 2010-2012
Ана Ушенина 2012-2013
Хои Јифан 2013-2015
Марија Музичук 2015-2016
Хои Јифан 2016-2017
Тан Жонгуи 2017-2018
Ју Венјун 2018 -?