Бундес-лигата го трасира патот за играње во новата сезона

31

Стандардизирани системи за вентилација, регулативи за безбеден влез и излез за гледачите, заштита од инфекција, се само неколку точки што клубовите треба да ги реализираат пред почетокот на новата сезона, за која има и измени во правилата за одредување пласман на табелата

РАКОМЕТ

Челниците на германската ракометна Бундес-лига имаа завршни состаноци со 39-те менаџери на клубовите од двете лиги за прецизирање на плановите, активностите, здравствените мерки за новата сезона. Меѓу другото експресно беше усвоен предлогот на селекторот Алфред Гисласон, за одредување на пласманот на табелата во ситуација кога два или повеќе тима ќе имаат ист број бодови. Досега тоа се одредувало со гол-разликата, а отсега ќе се одредува според меѓусебниот дуел на тие екипи во таа сезона.
– Со воведувањето на ова правило, клубовите ќе се ослободат од притисокот од постигнување што повеќе голови на секој меч и играње со најсилната постава во текот на целиот дуел. Доволна ќе биде само победа – изјави извршниот директор на Бундес-лигата Франк Бомен.

Тема на состанокот беше и преоптоварениот календар на натпреварување во новата сезона, во Првата лига ќе има 20, наместо 18 тима, дополнително за сезоната 2019/2020 се вметнати фајналфорот на Лигата на шампионите и завршницата на германскиот Куп, како и олимписките квалификации. Стандардизирани системи за вентилација, регулативи за безбеден влез и излез за гледачите, заштита од инфекција на играчите и публиката се само неколку точки што клубовите треба да ги реализираат пред почетокот на новата сезона.

– Кризата со коронавирусот не е спринт, туку маратон. Поминавме само неколку километри и мора да продолжиме. Мора да обезбедиме највисок стандард на безбедност во сите сали. За разлика од фудбалот, ракометот многу зависи од приходите од продажба на влезници. Затоа до почетокот на сезоната мора да има одржлив хигиенски концепт, за да можеме да ги играме мечевите со публика – рече меѓу другото Бомен.