Бронзи за каратистите Костов и Ацковски на ЕП во Будимпешта

145
Костов со селекторот Кузмановски

Костов ја продолжи низата на освоени медали по среброто на ЕП 2019 во Данска и среброто на СП 2019 во Чиле, но тогаш како кадет, додека за Ацковски ова е прв медал во оваа конкуренција

Македонските каратисти во борби Бојан Костов во категоријата јуниори (до 55 кг) и постариот јуниор Роберто Ацковски (до 67 кг), и двајцата во борби, се закитија со бронзени медали на 47. Европско првенство во карате (ЕП), во Будимпешта, Унгарија. Костов само ја продолжи низата на освоени медали по среброто на ЕП 2019 во Данска и среброто на СП 2019 во Чиле, но тогаш како кадет, додека за Ацковски ова е прв медал во оваа конкуренција.

Костов стигна до медалот откако ги победи во првите три кола Полјакот Шимон Шпранцел (1-0), Кипранецот Гиоргос Малатоурас (1-0) и Французинот Рајан Мезиан (4-1). Потоа загуби (0-1) од Азербејџанецот Султан Хусеинов (кој подоцна стана европски првак, н.з.), но во репасажот го совлада Шпанецот Виктор Мора (2-1), а во борбата за бронзата беше подобар од Бугаринот Денислав Стојанов, по прегласување на судиите, откако резултатот беше 0-0.

Роберто Ацковски, пак, ги совлада Португалецот Андре Луиш (5-3), Израелецот Шалев Гаиги (4-1), Полјакот Милош Сабиецки (0-0), на прегласување, и Чехот Јан Матејка (6-1). Во полуфиналето загуби од Црногорецот Бојан Бошковиќ (1-4), додека во дуелот за бронзата беше подобар од Русинот Олег Кафка (2-2), по прегласување на судиите.
Јуниорот Стефан Стојановиќ (до 76 кг) го освои солидното петто место, а ден претходно, кадетот Матеј Белистојаноски (до 55 кг) исто така заврши на високото петто место, откако оствари четири победи во низа. Македонската надеж во кати, јуниорот Александар Неделковски го освои 15-то место.

Борбите на татамите продолжија и на вчерашниот последен ден од ЕП учествуваа 1.155 каратисти од 52 држави во 35 категории, а боите на Македонија (во борби и кати) ги бранеа 10 кадети, 11 јуниори и 11 постари јуниори (до 21 год.), како и во кати екипно (кадетско-јуниорски тим во машка и женска конкуренција). 

Роберто Ацковски