Братско дружење на шаховските легенди Димче и Борче Илиевски

221

Успешно се реализира манифестацијата „Братска средба на Димче и Борче Илиевски-македонски шаховски легенди“ во организација на македонското здружение за култура и обичаи „Гороцвет“ од Скопје, во соработка со Македонски железници.

Оваа маршрута која почна од Скопје, а заврши во Битола, беше исполнета со богата содржина и одбележување на неколку јубилеи – 65 години од првите почетоци на шахистот Димче Илиевски, 60 години од титулата младински шаховски првак на Македонија и од првата сениорска титула, 50 години од преселувањето од Битола во Скопје и одигрувањето на Турнирот на солидарноста и ред други значајни јубилеи.

Настанот почна со симултанка во воз, на интернационалниот мајсторот (ИМ) Димче Илиевски со патниците Димче Ацевски од Скопје, Трпе и Светлана Крстевски од Сиднеј, Ирфан Зекиров од Јаболчиште, Велешко и други. Дел од програмата, во модерниот воз, беа младите шахисти победници Леа и Матео Ефтовски, потоа Сашо Ефтовски од МЖ и младиот ИМ Никола Николовски, Столе Костадинов, шахистот Ненад Баткоски, поетесите Анита Бошкова, поетесата и новинарка Валентина Ѓоргиевска-Парго, поетот Илија Димитриески, актерката Аница Бебиќ, а своја музичка изведба имаа и сестричките Ева и Надја Атанасовски од Битола.

Во Битола на пладне триесетчлената екипа ја посети печатницата „Киро Дандаро“, каде беа примени од директорот, а потоа засадија дрво гинко во Паркот на лајонизмот. Во “Магнолија” се сретнаа Димче и неговиот брат Борче, сцена која симболично го претставува братството, спојувањето, мудроста. Уметникот Живко Поповски-Цветин, иницијатор на настанот, им подари насликана уметничка цветна шаховска табла, а беа пуштени пет мироносни балони со порака за мир. Тука се одигра симултанка со десетмина шахисти од Битола, збогатено со поетски и актерски перформанси. Во рамките на настанот во „Премиер“ беше промовирана монографијата за Димче “Димитар Илиевски-Македонска шаховска легенда”..

Организаторот Цветин и „Гороцвет“ иницираа овој ден да стане Светски ден на мудроста под мотото „Со мудрост до мир”. И на враќање од Битола до Скопје се одигруваа шаховски партии, а уметникот Цветин, пак, подари 64 цветни шаховски полиња на патниците и на учесници.

Марјан Петрушевски од Инфраструктура, сектор сообраќај на МЖ, изјави дека овој настан е и во рамките на одбележувањето на 145-годишното постоење на Железницата во Македонија, и некако симболично оваа манифестација беше спроведена на 145 километарска железничка пруга.