Босанецот Амел Тука втор на 800 метри

79

Зоран Михајлов
специјално од Доха за „Нова Македонија“

Завршницата од петттиот дена на Светското првенство во атлетика во Доха беше исклучително интересна. Во финалната борба во скок со стап победи Американецот Сем Кендрикс со скок 5,97, пред европскиот првак Швеѓанецот Арманд Дуплантис. Третото место му припадна на Пјотр Лисек од Полска со 5,87 метри.

Потоа својот финален настап го завршија фрлачките на копје. Австралијката Келси Барбер во последниот обид фрли 66,56 метри и изби на првото место, оставајќи ги зад себе двете репрезентативки на Кина, кои дотогаш беа на првата и втората позиција. Шијинг Лиу од лидерското падна на второто место со 65,88 метри, а Хуи Љу отиде на третото место со 65,49 метри.

Машкото финале на 800 метри го врати на сцена репрезентативецот на Босна и
Херцеговина Амел Тука. По освојувањето на третото место на СП во Пекинг, тој се врати во голем стил и стигна до сребрениот медал во Доха. Прв на 800 метри беше Американецот Донован Брејзер со нов рекорд на шампионатите – 1:42,34 минути. Тука среброто го освои со постигнување од 1:43,47, а трет низ целта мина Фергусон Ротич од Кенија со 1:43,82 минути.

Во последната финална дисциплина, трката на 200 метри за мажи, победи Американецот Ноа Лајелс со 19,83 секунди, додека сребрениот медал го освои Канаѓанецот Андре Де Грас, кому ова му беше втор медал по оној бронзениот од трката на 100 метри. Трет беше Алекс Кињонез од Еквадор. 

Единствениот македонски претставник Јован Стојоски, вчера, во квалификациите на 400 метри постигна резултат од 47,92 секунди, што не беше доволно да оди натаму.