Блејк: Со исфрлање дисциплини од Дијамантската лига се убива атлетиката

71
Јохан Блејк

Претседателот на Светската атлетика, Британецот Себастијан Коу, го убива спортот со исфрлањето четири дисциплини во Дијамантската лига, што е неразбирлив потег. Коу мора да го засили спортот, а не да го убива, вели Јохан Блејк од Јамајка, поранешниот светски шампион на 100 метри и двократен олимписки медалист во штафетни трки.
Коу најави од следната година укинување на атлетските дисциплини 200 метри, 3.000 метри со пречки, фрлање диск и трискок. Така лигата ќе има 12 дисциплини, оти раководното тело на атлетиката сака да го намали времетраењето на настанот на 90 минути.

– Верувам дека сите дисциплини се многу значајни, бидејќи тука атлетичарите ги заработуваат своите пари и прават кариера – смета Блејк.
Британскиот двократен олимписки медалист Коу, пак, кој наедно е и претседател на Дијамантската лига, изјави дека негова цел е да се создаде побрза, повозбудлива, глобална лига, што ќе биде огледало за атлетскиот спорт. Трките на 200 и на 3.000 метри ќе бидат присутни на 10 турнири, а дискот и трискокот на две од вкупно 15, но ниту една нема да биде дел од финалето на Дијамантската лига во Цирих во септември.