„Би сакал да видам повеќе Фишеров шах како се игра во класичен формат“

153

Тоа би било многу интересно за мене, оти сметам дека тој формат е доста приспособлив за класичниот шах. За класичниот шах, пак, сметам дека има иднина, но дека треба да го прифатиме таков каков што е сега. Сметам дека во услови на ковид-19, брзиот формат е одличен за играње преку интернет, оти одржува барем мал привид на висококвалитетен шах, а не трае премногу долго. Патем, играте повеќе партии на ден, а со тоа имате и повеќе возбудувања, вели Карлсен

МАГНУС КАРЛСЕН, СВЕТСКИ ПРВАК

Во интервјуто за интернет-страницата на Шаховската федерација на САД, актуелниот светски шампион Магнус Карлсен (29) се осврнува на повеќе актуелни теми во светот на шахот, како што се неговата улога на промотор и организатор, играњето преку интернет, иднината на класичниот шах…
Како и секогаш, Магнус зборува отворено, постојано откривајќи ги високите стандарди што ги бара од себе на таблата, виртуелна или вистинска.
– Генерално, иднината на класичниот шах како што е сега е малку сомнителна. Би сакал да видам повеќе Фишеров шах како се игра во класичен формат, на табла. Тоа би било многу интересно за мене, оти сметам дека тој формат е доста приспособлив за класичниот шах. Квалитетот на игрите не е многу висок, оти правиме темелни грешки при отворањето. Не го разбираме доволно, но мислам дека квалитетот би се зголемил кога би ни дале класично време за размислување.

Јас дефинитивно се надевам на тоа. За класичниот шах, пак, сметам дека има иднина, но дека треба да го прифатиме таков каков што е сега, ќе има многу ремија кога најдобрите играчи во светот ќе играат на табла. Нема начин да се смени тоа ако не се промени нешто фундаментално, што, пак, многу е тешко. Малку е тажно, но мислам дека е многу, многу тешко да се направи нешто околу ова – вели Карлсен.
Карлсен смета дека ситуацијата со пандемијата на ковид-19 трајно го сменила статусот на забрзаниот и на брзиот шах.

– Во услови на ковид-19, не е реално да се очекува луѓето да играат долги интернет-партии, ниту е реално да се очекува луѓето да го гледаат тоа со голем интерес. Затоа сметам дека брзиот формат е одличен за играње преку интернет, оти се одржува барем мал привид на висококвалитетен шах, а исто така не трае премногу долго. Патем, играте повеќе партии на ден, а со тоа имате и повеќе возбудувања – вели Карлсен за интернет-страницата на Шаховската федерација на САД.