Бах: Презакажувањето на ЛОИ е како огромна сложувалка

45

Ние сме во невидена ситуација и имаме невиден предизвик. ЛОИ никогаш досега не биле одложени и немаме на што да се угледаме, но убедени сме дека можеме да составиме убава сложувалка и да имаме прекрасни Игри, рече претседателот на ИОК, Томас Бах

Презакажувањето на Игрите во Токио за в година личина „огромна сложувалка“ и новиот датум „нема да биде ограничен на летните месеци“, ја пренесува „Би-би-си“ изјавата на претседателот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) Томас Бах, по објавувањето дека Летните олимписки (ЛОИ) и Параолимписките игри (ПОИ) се одложуваат за в година поради пандемијата на коронавирусот. Бах вели дека има „илјадници прашања“ за решавање пред да може да се потврди новиот датум, но додаде оти „сите опции се на маса“. Објаснувајќи го редоследот на настаните што доведоа до одложувањето, прво во 124-годишната историја на ЛОИ, Бах рече дека ИОК добил „алармантно“ предупредување од Светската здравствена организација, но и оти конечната одлука не била „еднострана“.

– За да организираме успешни Игри, треба да имаме целосна согласност и треба да бидеме обединети. За одложувањето ни требаше целосна посветеност и согласност од нашите јапонски партнери. Тоа и го постигнавме – вели Бах.
Говорејќи на видеоконференцијата, Бах рече дека е формирана специјална работна група за да се справи со логистиката околу реорганизирањето на ЛОИ.
– Ова е навистина многу голем предизвик. Сакаме да ги организираме Игрите најдоцна до летото 2021-та. Но не сме ограничени само на летните месеци. Сите опции се на маса, вклучувајќи го и летото 2021 година – вели Бах.

Бах вели дека не може да гарантира оти сите елементи што содржат ЛОИ ќе останат како што првично е планирано и додава оти ќе бидат потребни „жртви“ и „компромиси“ поради одложувањето. Тој не знае што ќе се случува со олимпиското село во кое становите треба да бидат продадени во септември.
– Искрено, не можам да ви кажам каква е ситуацијата. Ова е едно од многуте илјади прашања со кои работната група ќе треба да се занимава. Се надеваме и ќе сториме сѐ што можеме, да постои олимписко село, затоа што во селото чука „срцето“ на Игрите. Но ние сме во невидена ситуација и имаме невиден предизвик. Треба да се најде најдоброто можно решение во однос на околностите во кои живееме – вели Бах.
За тоа кои се приоритетите кога веќе е направен компромисот, Бах направи компарација велејќи: „Ова е како огромна сложувалка и секое парче треба да одговара. Извадете само едно парче и ќе ја уништите“.

– Сѐ треба да се собере заедно и сѐ е важно. Ова е причината зошто навистина не им завидувам на членовите на работната група. ЛОИ досега никогаш не биле одложени и немаме на што да се угледаме, но убедени сме дека можеме да составиме убава сложувалка и да имаме прекрасни Игри – рече Бах, кој истакна дека ИОК разговарал со најголемите спонзори и оти се уверил дека тие ќе ги поддржат презакажаните Игри.