Македонската машка и женска шаховска репрезентација со максимално борбена и храбра игра до крај, забележаа знаајни победи во денешното шесто коло на 44. Шаховска олимпијада (ШО), во индискиот град Ченаи.

Шахистите, рангирани 61-ви пред почетокот (2.389 просечен рејтинг), од 187 селекции со вкупно 937 шахисти (235 велемајстори), очекувано ја совладаа Сирија со 3-1 (рангирана 97-ма, просечен рејтинг 2.191 поени), што претставува трета екипна победа.

На првата табла одмораше најискусниот, ВМ Звонко Станојоски, но за победата се погрижија ФМ Емил Ристески, кој играше најдоло и на крајот ја реализираше предноста на кралица против топ. Цел поен впишаа и ИМ Тони Лазов и ИМ Никола Николовски откако стекнаа решавачка предност, а единствено загуби најмладиот и воедно дебитант на ШО, Андреј Велјаноски.

Затоа пак, женската шаховска селекција на Македонија рангирана 71-ва (1.863) од 161 репрезентации со 798 натпреварувачки (15 ВМ), се надмина себеси и ја оствари четвртата победа на ШО, убедливо совладувајќи ја по рејтинг посилната Финска (рангирана 45-та, просечен рејтинг 2.113 поени) со 3,5-0,5 поени, што објективно претставува и мало изненадување. ЖФМ Моника Стоковска во објективно реми позиција го освои единствениот половина поен, додека останатите три девојки забележаа убави победи. Ивана Манова на втората табла успеа да освои фигура откако се закани на противничкиот крал со двата топа и кралица. Леа Ефтовска во ефектна завршница успеа да исплете матна мрежа и да ја принуди противничката да потпише капитулација, додека Моника Жежовска на четвртатат табла, успеа да искористи еден превид на ривалката и да освои квалитет што се покажа како пресудено на крајот.

Ивана Манова
Фото: Приватна архива

По шестото коло машката селекција на Македонија е на 72-то место со седум екипни бода (12,5 поени по табли), додека женската селекција е на 47-то место со осум екипни бода (13,5 поени по табли). Кај мажите, засега води Ерменија со максимални 12 бода (17,5 по табли), втори се САД со 11 бода (16 по табли), а трета втората селекција на Индија со 10 бода (19 по табли), додека кај жените на врвот со 12 бода е Индија (18,5 по табли), пред Азербејџан со 11 бода (18,5) и Романија со 11 бода (16,5).
Утре е единствениот слободен ден, а во седмото коло од предвидените 11 на ШО (в четврток), шахистите ќе играат со силната селекција на Норвешка, рангирана трета (2.692 просечен рејтинг), каде на првата табла игра актуелниот светски првак Магнус Крлсен, додека шахистките исто така со квалитетната селекција на Словенија, рангирана 26-та (2.445).

ПОЗНАЧАЈНИ РЕЗУЛТАТИ ШЕСТО КОЛО (МАЖИ)

Индија (2) – Ерменија 1,5-2,5, Узбекистан – Индија 2-2, САД – Иран 2,5-1,5, Куба – Шпанија 2-2, Полска – Србија 1,5-2,5, Холандија – Грузија 2,5-1,5, Германиа – Италија 2,5-1,5, Англија – Австрија 2-2, Швајцарија – Франција 1,5-2,5, Индија (3) – Литванија 3,5-0,5

ПОЗНАЧАЈНИ РЕЗУЛТАТИ ШЕСТО КОЛО (ЖЕНИ)

Индија – Грузија 3-1, Романија – Украина 2-2, Азербејџан – Казахстан 3-1, Србија – Полска 0-4, Холандија – Франција 3-1, Израел – Германија 3-1, Англија – Ерменија 0,5-3,5, Чешка – Индија (2) 2-2, Виетнам – Унгарија 2,5-1,5, Бугарија – Перу 2,5-1,5

МАКЕДОНИЈА – СИРИЈА 3-1

ФМ Емил Ристески (2.405) – Арам Чек (2.147) 1-0 (69 потези)

ИМ Тони Лазов (2.374) – Амер Алторку (2.040) 1-0 (38)

ИМ Никола Николовски (2.366) – ФМ Малек Кониахли (2.238) 1-0 (27)

Андреј Велјаноски (2.162) – ИМ Башир Еити (2.337) 0-1 (47)

ФИНСКА – МАКЕДОНИЈА 0,5-3,5

ЖФМ Анастасиа Назарова (2.208) – ЖФМ Моника Стојковска (2.091) реми (46)

ФМ Јохана Пасикангас (2.155) – Ивана Манова (1.849) 0-1 (40)

ЖИМ Тања Туоминен (2.080) – Леа Ефтовска (1.634) 0-1 (46)

ЖФМ Хеини Пуска (2.010) – Моника Жежовска (1.588) 0-1 (51)

Г.И.