Шпанија во недела ќе ја брани европската ракометна титула, откако во полуфиналето во „Теле2 арената“ во Стокхолм со 34-32 релативно лесно ја поминаа Словенија и сега ќе се соочат со инспирираните Хрвати, кои по драматични продолженија беа подобри од Норвешка.

За разлика од претходната ракометна драма во режија на Хрватска и Норвешка, текот на второто полуфинале беше релативно еднонасочно. Словенците први поведоа со 2-0, и се држеа рамноправно до 7-7, пред во средината на првото полувреме, Шпанците да влезат во шутерска серија и да направат предност од пет гола на полувреме (20-15).

Тимот на Љубомир Врањеш не се предаде и со тешка битка успеа да се доближи на три разлика на 20-тина минути пред крајот (26-23), а стана интересно кога Словенците дојдоа и на гол-разлика (33-32), пред поранешниот вардарец, Алекс Душебаев да стави точка со гол за конечни 34-32.

Душебаев, заедно со Раул Ентрериос и Анхел Фернандез беа најефикасни за фуријата со по шест гола, додека за „змајчеки“, седум даде Јуре Доленец, а шест имаше Блаж Јанц.