Лино Червар

Би ги издвоил Египет и јужноамериканските селекции Чиле и Бразил, а завиден прогрес има и кај Нигеријците, кои имаат неколку одлични ракометари, како што е десниот бек Фарук Јусуф, кој е меѓу водечките стрелци по групната фаза на СП во Скопје, а има само 15 години. Вистинската игра и борба ќе почнат токму со елиминациските натпревари, вели хрватскиот ракометен стручњак Червар

Рано е по завршувањето на групната фаза на Светското првенство во ракомет за кадети (СП) да се даде оцена за квалитетот и можностите на репрезентациите. Во оваа фаза некои од селекциите може да се опуштат и да не одиграат во согласност со квалитетот со кој располагаат. Вистинската игра и борба ќе почнат токму со елиминациските натпревари, кога сите карти се ставаат на победа – смета искусниот хрватски ракометен стратег Лино Червар.

Поранешниот тренер на Металург, а актуелен селектор на хрватската сениорска репрезентација, Лино Червар, ја има и улогата на координатор на сите младински селекции во Хрватска, па токму затоа и не нѐ изненадува неговото присуство на трибините во спортските центри „Јане Сандански“ и „Борис Трајковски“ во Скопје, каде што се играат натпреварите на ова СП.

– Ги следев речиси сите натпревари од групната фаза и она што можам да го кажам на прв поглед е дека неевропските селекции многу напреднале. Тука би го издвоил Египет, кој прикажа одлична игра и на неодамна завршеното Светско јуниорско првенство во Шпанија, каде што го освои бронзениот медал. Затоа, уверен сум дека на СП 2021 година, на кое ќе бидат домаќини, Египќаните ќе конкурираат за медал. Напредок во играта видов и кај јужноамериканските селекции Чиле и Бразил, а завиден прогрес има и кај Нигеријците, кои во своите редови имаат неколку одлични ракометари, како што е десниот бек Фарук Јусуф, кој е меѓу водечките стрелци по групната фаза, а има само 15 години – констатира Червар.
Во својата првична анализа, Червар забележа отсуство на бекови-шутери во селекциите на Македонија, Хрватска, Србија и Словенија.

– Една од работите што ми боде очи на овој Мундијал е отсуството на бекови-шутери во балканските селекции Македонија, Хрватска, Србија и Словенија. Не може една репрезентација да се потпре само на еден бек-шутер и три-четири пониски играчи, кои се обидуваат да ја пробијат зоната во стилот на Миха Зарабец. Таквиот избор за мене е неприфатлив, со оглед на напредокот на ракометот во светски рамки. Не велам дека таквите играчи не се добри и корисни, но не во таков бројчен сооднос. Еден разигрувач со тројца-четворица шутери, е нешто сосема друго – додава Червар.
Меѓу другото, Червар имаше пофални зборови за играта и квалитетот на Португалија, која синоќа беше токму осминафинален противник на Македонија на СП.

– Селекцијата на Португалија е вистинско пријатно изненадување на СП. Според играта што ја прикажаа досега, сметам дека кадетскиот им е подобар од нивниот јуниорски состав, кој пред две седмици играше во полуфиналето на СП во Шпанија. Имаат одлични влезови, квалитетни и изградени шутеви од девет метри, едноставно играат премногу зрело за нивната возраст – дециден е Червар. 


Правилната селекција клучен фактор за успех

Според поранешниот тренер на Металург, правилната селекција на играчите во репрезентациите е клучниот фактор за развојот и успехот на ракометот во една земја.
– Од година на година, од генерација во генерација ракометната игра напредува. Она што е најважно за добар напредок на ракометот во една земја е правилната селекција. Според моите критериуми, селекторот на Данска, Симон Соренсен, е тој што има направено најдобра селекција на играчи. Прво во однос на нивните антропометрички карактеристики, висина и тежина. Имаат одлична бековска линија, која беспрекорно ротира на сите три бековски позиции, како и висока и подвижна одбрана, која може да одговори на сите одбранбени формации. Имаат перфектна прегледност на играта и одлична техничко-тактичка подготвеност – смета Червар.


Да се `промени старосната граница во младите категории

Во низата позитивни и негативни забелешки што ги истакна хрватскиот стратег, една е упатена кон Европската (ЕХФ) и Светската ракометна федерација (ИХФ), а се однесува на промена на возрасната категоризација на првенствата во младите категории.
– Според физичките карактеристики на играчите и зрелоста на играта што ја демонстрираат на теренот, сметам дека ЕХФ и ИХФ треба да направат промена во старосната граница во младите категории. Според мене, играчите што наполниле 21 година треба да се третираат како сениори, а не како јуниори. Ракометарите до 19 години, односно сегашните кадети, треба да се стават во категоријата јуниори, а ракометарите од 17 години да бидат во категоријата кадети – вели Червар.