Во Русија не се снајдовме најдобро во длабоките зонски формации, па се надевам дека на овие три меча ќе го поправиме тој сегмент од нашата игра, вели Дамир Стојановиќ, тренерот на металурзите

Ракометарите на Металург денеска патуваат за Србија, каде што, како дел од деветтото издание на меѓународниот ракометен турнир „Кањижа куп 2019“ ќе ја одработат и втората контролка на формата и воиграноста на екипата. Металурзите за противници ги имаат хрватскиот вицепрвак Нексе, екипата на Партизан од Србија и израелскиот претставник Рамат Хашрон.

Тренерот на металурзите Дамир Стојановиќ на овој турнир во составот ќе ги има кадетските репрезентативци Мартин Серафимов, Михајло Младеновиќ и Дарко Кондев, но не ќе може да смета на десното крило Реваз Чантурија, кој сѐ уште ја санира повредата на задниот мускул на бутот од ногата, и левиот бек Марио Танкоски, кој доби мала повреда на турнирот во Москва.

– Пред неколку дена бевме дел од силниот турнир во Москва, каде што екипата од натпревар во натпревар покажуваше сѐ подобра игра. Жалиме за пропуштената победа над Стеауа, бидејќи одигравме навистина добро и бевме подобри од нив во голем дел од мечот. Сепак, подобро е да грешиме сега, во подготвителните натпревари, за да имаме време и можност да ја креираме играта и да не ја повториме во важните дуели.

На турнирот во Кањижа во составот ќе ги немаме Равез Чантурија и Марио Танкоски, кои имаат мали повреди, па не сакаме да ризикуваме, но затоа со нас ќе се приклучат кадетските репрезентативци Серафимов, Младеновиќ и Кондев, со кои ќе имаме поголем избор во ротацијата. На турнирот во Русија не се снајдовме најдобро во длабоките зонски формации, па се надевам дека на овие три меча ќе го поправиме тој сегмент од нашата игра. Ваквите претсезонски турнири ни се добредојдени за што подобро воигрување и коригирање на недостатоците во играта – истакна тренерот на Металург, Дамир Стојановиќ, во пресрет на турнирот.

Прв противник на металурзите ќе биде израелскиот претставник Рамат Хашрон, а натпреварот се игра утре, со почеток од 18 часот.