Одличната игра и седумте гола во воведниот меч во Лигата на шампионите (ЛШ) против Монпелје, по петгодишна пауза го врати вардаровиот централен бек Сташ Скубе меѓу седумтемина најдобри играчи што го сочинуваат идеалниот тим во колото од ЛШ. Скубе претходно дел од најдобрата седморка во ЛШ беше во сезоната 2013/2014 како член на Горење, кога трипати доби место во изборот на најдобрите.

По едногодишна пауза, место во идеалниот тим на колото во ЛШ добија и пикерот на Барселона, Лудовик Фабрегас, и голманот на Киелце, Андреас Волф. Фабрегас претходен пат во тимот на колото беше по четврт-финалето во сезоната 2017/2018, како член на шампионскиот тим на Монпелје, а Волф, пак, во меч од 10-то коло од групната фаза, тогаш на голот на Кил.

Првпат место меѓу најдобрите седуммина во едно коло од ЛШ има за левото крило на Порто, Диего Бранкињо, левиот бек на Кил, Никола Билик, десниот бек на Алборг, Мадс Кристијансен, и десното крило на Спортинг, Валентин Јоанеа, кој со 10 гола беше лидер на португалскиот состав на гостувањето кај Еурофарм Работник, кој заврши со минимална победа за Спортинг (29-30).

Заедничкиот скор на седумтемина од идеалниот состав на 1-то коло во ЛШ е 47 гола и 13 одбрани на голманот Волф.