Фото: Маја Јаневска-Илиева

Вардар во првиот меч дома сезонава го пречекува Порто, утре од 17 часот

Ракометарите на македонскиот и европски првак Вардар утре (17 часот, пренос на МТВ), во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје, ќе го одиграат првиот дуел сезонава дома во Лигата на шампионите (ЛШ), во кој противник ќе им биде португалскиот првак Порто. Од анализата на игрите на Порто, тренерот на вардарци Давид Писонеро има јасна слика за тоа што може да се очекува како тактичко решение на противникот за утрешниот меч.

– Дуелот со Порто е многу важен за нас. По гостинската победа над Монпелје, потребна ни е победата и над Порто, бидејќи бодовите што ги освоивме на гости нема да имаат важност. Очекувам тежок меч, бидејќи Порто е една од ретките екипи што ја имаат усовршено играта „седум на шест“, па ќе видиме како ќе се адаптираме на таа игра. Ова ни е прв домашен натпревар во ЛШ, ќе се обидеме да се претставивме во најдобро можно издание и да дојдеме до триумф – вели Давид Писонеро, тренерот на Вардар.

Желбата за победа и атмосферата во тимот, во името на играчите ја пренесе заменик-капитенот, левото крило Тимур Дибиров.

– Секогаш сме возбудени на почетокот од ЛШ, особено на домашен терен, и едвај чекаме да излеземе во полна сала како европски шампиони. Секој натпревар ќе биде тежок, ова е ЛШ, без разлика дали играте со Порто, Кил или со Киелце, дома или на гостински терен. Знаеме дека од нас се очекува лесно да стигнеме до бодовите, но воопшто нема да биде лесно. Порто е тим што одлично игра „седум на шест“, нешто за што ќе мораме добро да се подготвиме – рече Дибиров.

По фантастичната игра во второто полувреме во дуелот од 1. коло од ЛШ, Порто славеше победа над белорускиот првак Мешков со 27-25, иако на полувремето имаше негатива од шест гола (9-15). Вардар, пак, првите бодови во ЛШ сезонава ги освои на гостински терен, кај Монпелје (33-32). 


ВТОРО КОЛО
ГРУПА А
Фленсбург – Елверум 26-19
Барселона – Целје 20 ч.
Алборг – Загреб утре, 16.30 ч
ПСЖ – Сегед утре, 19 ч.
ГРУПА Б
Веспрем – Кил 17.30 ч.
Мешков – Монпелје 18.30 ч.
Вардар – Порто утре, 17 ч.
Киелце – Мотор утре, 20 ч.
ГРУПА Ц
Савехов – Еурофарм Р. 25-24
Бидасоа – Кокс 16 ч.
Спортинг – Татран 18.30 ч.
ГРУПА Д
Динамо – Кристијанс. 28-25
Висла – Кадетен 15 ч.
ГОГ – Чеховски утре, 15.10 ч.