РАКОМЕТ

Ракометниот клуб Алкалоид почна со формирање на тимот со кој во новата сезона ќе настапува во Првата лига. Мартин Серафимов (21, десен бек) и Игор Ѓоргиев (21, централен и лев бек) се првите аквизиции на новоформираниот клуб.
– Новиот македонски ракометен клуб е формиран со цел младите таленти што имаат потенцијал и желба за игра правилно да се насочат и да се развиваат, во насока на градење врвни ракометни играчи со позитивни животни вредности. Дефиниран систем на функционирање, правилна работа, како и интегритет и кредибилитет во работењето се основните начела за кои се залага овој клуб. Со организација на стручната работа, РК Алкалоид ќе се стреми да им овозможи на играчите квалитетен и напреден тренажен процес, за нивно натамошно развивање и градење како врвни ракометари, кои ќе ги вложуваат своето знаење, искуството и позитивни вредности во македонскиот ракомет – објавија од РК Алкалоид.