Со пет победи, од кои една над актуелниот светски и олимписки првак Данска, и еден пораз и вкупно 10 бода, македонските репрезентативци се пласираа на Европското првенство во 2022 година. За Македонија ова ќе биде седми настап на ЕП, а има и седум учества на светските првенства

РАКОМЕТ

Со победата над Швајцарија, со 29-28, во Скопје, во последното, шесто квалификациско коло за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2022 година, кое треба да се игра во Унгарија и во Словачка, македонската машка ракометна репрезентација го завери седмото учество вкупно, а шесто во низа на континенталните натпреварувања. Македонија сега има низа од 11 настапи на големите натпреварувања од 2012 година и 14 вкупно (има и седум учества на светските првенства).
Со пет победи, од кои една над актуелниот светски и олимписки првак Данска и по две на средбите со селекциите на Швајцарија и на Финска, и само еден пораз, од Данска на гости, македонските репрезентативци ги одиграа квалификациите со најмногу освоени бодови досега. Најдобриот ефект досега во квалификациите Македонија го имаше за претходното ЕП, во 2020 година, кога пласманот го завери како првопласирана во групата, со четири победи и по едно реми и пораз, во натпреварите со репрезентациите на Исланд, Турција и на Грција.
Во квалификациите за ЕП 2022, само репрезентациите на Германија и на Шведска остварија шест победи во шесте кола (12 бода). Ждрепката за состав на групите на ЕП 2022 треба да биде влечена задутре, кога ќе биде познато и во која земја и во кој град ќе игра Македонија во групната фаза (домаќини се Будимпешта, Дебрецин и Сегед во Унгарија, како и Братислава и Кошице во Словачка).


Без дебитанти на ЕП 2022

На 15-то Европско првенство (ЕП) во ракомет, во 2022 година се пласираа домаќините на првенството, Унгарија и Словачка, финалистите од ЕП 2020, Шпанија и Хрватска, како и Македонија, Србија, Франција, Германија, Австрија, Русија, Чешка, Португалија, Исланд, Словенија, Холандија, Норвешка, Белорусија, Данска, Шведска, Црна Гора, Украина, БиХ, Полска и Литванија преку квалификациите.
Ниту една селекција нема да биде дебитант на ЕП 2022, но за обележување е пласманот на Литванија, која по 23 години се враќа на репрезентативната сцена.