ЖРК Куманово вечерва на домашен терен убедливо го совлада ЖРК Спартак со 46-17 (20-6), со што ја забележа и дванаесеттата победа едноподруго и без ниту еден пораз стигна до есенската титула во женската ракометна Суперлига.

Најефикасни ракометарки кај победничката екипа беа Васка Глигоријадис со девет, како и Александра Боризовска и Ана Шарановиќ со по шест гола, додека кај Спартак, Михаела Лазаровска и Мартина Стефановска постигнаа по четири погодоци.

Домашните ракометарки  се зацврстија на лидерската позиција на табелата, од каде што барем малку порелаксирано ќе го очекуваат пролетниот дел од првенството. Според досега прикажаното во првенството, ЖРК Куманово заедно со екипите на Металург и Вардар од Скопје ќе бидат најсериозни кандидати за освојување на титулата во домашното првенство.

– Задоволен сум од настапот и од резултатите на моите ракометарки кои во
досегашниот тек од првенството го дадоа максимумот. Оваа полусезона наметнавме
една нова игра, нов стил и нов систем, кој девојките го прифатија, а кој што јас како тренер, подолго време го негувам. Можам да кажам дека дел од тоа досега го совладавме, но се уште не е како што треба. Се разбира секогаш постојат доградби и тоа ќе го направиме во наредниот период во кој не очекуваат потешки натпревари, пред се во Регионалната лига и со конкурентите во домашното превенство, со кои што треба да се пресметаме во пролетниот дел. Тоа се екипите на Металург и на Вардар, но секако не треба да ги заборавиме и да ги потцениме ниту екипите на Чаир и Стружанка кои бркаат приклучок кон горниот дел на табелата. Во однос на квалитетот на нашата Суперлига се издвојуваат Куманово, Металург и Вардар, а тоа впрочем е слично како и во првенствата во нашето опкружување, како што се Србија, Црна Гора и Хрватска, каде што исто така има по две-три силни екипи, како што се Будуќност и Подравка. Ако ние сакаме да го подигмеме нивото на квалитет во домашниот женски клупски ракомет, во иднина ќе треба да вложуваме многу повеќе. Јас во оваа прилика ги повикувам сите искрени љубители на женскиот ракомет во државата на каков било начин да помогнат и да вложат финансиски средства, а се со цел да го подигнеме квалитетот на женскиот ракомет и барем малку да се доближиме до европскиот квалитет, што впрочем ни е и главната цел за во иднина – изјави по натпреварот тренерот на ЖРК Куманово, Симе Симовски. Т.Д.