Вуко Борозан, Расмус Лауге Шмид и Рожерио Мораеш

Трансферот на Игор Карачиќ од Вардар во Киелце, пак, според критериумот на Европската ракометна федерација (ЕХФ), е најдобриот сезонава

Унгарскиот првак Веспрем дигна најголеми бранови на ракометниот трансфер-пазар во пресрет на новата сезона во Лигата на шампиони (ЛШ), а трансферот на Игор Карачиќ од Вардар во Киелце, пак, според критериумот на Европската ракометна федерација (ЕХФ), е најдобриот сезонава.

Унгарците во своите редови донесоа четири екстра-звучни имиња, кои според ЕХФ добија место меѓу 10-те најдобри трансфери за оваа сезона. Српскиот голман Владимир Цупара, кој им се приклучи од редовите на полскиот првак Киелце, е на осмата позиција на таа трансфер-листа.

Вардараровиот лев бек Вуко Борозан и пикерот Рожерио Мораеш се на седмата и четвртата позиција, додека, пак, на втората позиција е трансферот на Данецот Расмус Лауге Шмид од редовите на Флензбург.

Меѓу трансферите што го привлекоа вниманието на ЕХФ се и премините на централниот бек Лука Циндриќ од Киелце во Барселона, на десниот бек Лука Степанчиќ од ПСЖ во Сегед, како и доаѓањето на Гудјон Валур Сигурдсон во ПСЖ од редовите на Левен. На листата се и голманските трансфери на Роланд Миклер од Веспрем во Сегед, Андреас Волф од Кил во Киелце и на Винсент Жерар од Монпелје во ПСЖ.