Александер Шпенде постигна пет гола Фото: Игор Бансколиев

Ракометарите на Металург потешко од очекуваното стигнаа до првите плејоф-бодови во завршницата од машката Суперлига, победувајќи го составот на Пелистер со 28-26 (11-14). Избраниците на Данило Брестовац дури во втората половина од второто полувреме го скршија отпорот од мотивираниот и борбен состав на Пелистер, кој 45 минути го диктираше темпото на игра.

Битолчани мечот го почнаа офанзивно, борбено и доста цврсто, па во средината на првото полувреме имаа и пет гола предност (8-13), меѓутоа во второто полувреме металурзите заиграа на доста повисоко ниво, па од минута на минута ја топеа предноста на битолчани за целосен пресврт и победа од 28-26.

– Сѐ на сѐ, бодовите се најбитни. Ние многу нервозно го започнавме натпреварот, брзавме, а тие играа бавно и се обидуваа да ни ја умртват играта и успеваа во тоа. Имавме многу промашувања од чисти ситуации и контри, но како за почеток добро е, затоа што бодовите и победата завршија на наша страна – изјави тренерот на Металург Брестовац.

Најефикасни во редовите на Металург беа Марио Танкоски со осум и Александер Шпенде со пет гола, додека, пак, на спротивната страна Александар Станојевиќ и Марко Кобетиќ постигнаа по осум погодоци. 


Пролет подобар од Бутел

Поучени од искуството од есенскиот дел, ракометарите на Пролет овој пат ја оправдаа улогата на фаворити и славеа значајна победа во дуелот со дебитантот Бутел 26-23 (11-11) во 1-то коло од плејоф-завршницата во домашното првенство.
Во максимално борбен и изедначен натпревар, градската плејоф-пресметка мина во знакот на голманите на двата тима. Во првото полувреме одлична парија имаше голманот на Бутел Богдан Панченко, додека, пак, во второто полувреме извонреден на голот на Пролет беше Стефан Кимевски, кој наедно беше еден од најцврстите столбови во одбраната на Пролет. Мартин Манасков со осум и Доне Мајнов со пет гола беа најдобри стрелци во победничкиот тим, додека, пак, најефикасен во таборот на Бутел беше Алексеј Григориев со шест погодоци.