Фото: Маја Јаневска-Илиева

РАКОМЕТАРИТЕ ДЕНЕСКА ГО ИГРААТ ПРВИОТ БАРАЖ-МЕЧ СО ЧЕШКА ЗА ПЛАСМАН НА СП 2023

Македонската машка ракометна репрезентација предводена од селекторот и капитен Кирил Лазаров, денеска (20.15 часот), во чешкиот град Злин ќе го одигра првиот бараж-меч против соодветната селекцијата на Чешка за пласман на Светското првенство (СП), кое во 2013 година ќе се одржи во Полска и во Шведска. Натпреварот се игра во спортската сала „Датарт“, со капацитет од 4.286 места, додека реваншот е закажан за в недела во Скопје, во СЦ „Борис Трајковски“ (19 ч.). Ако Македонија се пласира на СП, тоа ќе биде нејзино осмо учество во низа.
Четиридневните мини-подготовки, од кои некои не беа во комплетен состав, успешно завршија и селекторот Лазаров ги имаше на располагање сите повикани играчи. Оптимизмот е присутен во македонскиот табор.
– Имаме искуство со Чесите и добро знаеме како е да се игра таму. Ќе имаме полна сала и противник што е во налет. Се надевам на добар резултат, но нема да биде воопшто лесно иако се значајни и двата меча. Одиме храбро, посветено, со зададени цели и улоги. Имаме добар тим, комбинација на поискусни играчи и оние под 30 години со искуство во клубовите и во националниот тим. Не смееме да се плашиме, но мора да бидеме внимателни, посебно во почетокот на средбата. Очекувам тежок двомеч, ќе ни биде потребна максимална поддршка од нашите навивачи – оптимист е селекторот и капитен Лазаров.

Чешка досега играла на шест СП (1995, 1997, 2001, 2003, 2007, 2015), најдобриот пласман го оствари на СП во Исланд 1995 година, кога заврши на осмото место. Македонија, пак, има седум настапи на мундијалите (1999, 2009, 2013, 2015, 2017, 2019, 2021), а најдобриот пласман го оствари на СП во Катар 2015, кога беше деветта. Катар е и единственото СП каде што двете репрезентации учествуваа заедно, но не одиграа меѓусебен меч во конкуренција на 24 селекции
На ЕП, пак, Чешка има играно 11 пати (1996, 1998, 2008, 2004, 2008, 2010, 2012, 2014, 2018, 2020, 2022), а најдобриот пласман го оствари во 1996 и 2018 кога беше шеста. Македонија, пак, има учествувано на седум ЕП (1998, 2012, 2014, 2016, 2018, 2020, 2022), а најдобриот пласман ѝ е петтото место во Србија 2012 година.
Репрезентацијата на Македонија ќе добие награда од 50.000 евра од федерацијата (РФМ), ако успее да обезбеди пласман на СП во јануари в година во Шведска и во Полска.
Европската ракометна федерација (ЕХФ) ги одреди и судиите за претстојниот двомеч. Во Злин ќе судат турските арбитри Курсад Ердоган и Ибрахим Оздениз, а делегат е Унгарецот Балаж Сос. На реваншот во Скопје, пак, правдата ќе ја делат Португалците Дуарте Сантош и Рикардо Фонсека, а делегат ќе биде Италијанецот Марко Треспиди.


Бараж-двојки, прв меч

ДЕНЕС
Австрија – Исланд 18 ч.
Финска – Хрватска 18 ч.
Израел – Унгарија 18 ч.
Грција – Ц. Гора 18.15 ч.
Германија – Ф. Острови 18.15 ч.
Словенија – Србија 20 ч.
Чешка – Македонија 20.15 ч.
УТРЕ
Португалија – Холандија 20 ч.