Во денешните полуфинални дуели ќе се сретнат Шпанија – Данска (18 ч.) и Франција – Шведска (20.30 ч.), а истите двојки беа и за полуфиналето пред една година на СП 2021. Во трката за медали се тројца актуелни шампиони (Франција олимписки, Данска светски и Шпанија европски) и четирите најтрофејни селекции на европските првенства

РАКОМЕТ – ПОЛУФИНАЛЕ НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО

Актуелниот европски првак Шпанија против актуелниот светски шампион Данска (18 ч.) и актуелниот олимписки првак Франција против најтрофејната репрезентација на европските првенства, Шведска (20.30 ч.), се двојките денеска во полуфиналињата во Будимпешта, на 15. Европско првенство (ЕП) во ракомет, што се игра во Унгарија и во Словачка. Во натпреварите за медалите ќе играат најтрофејните селекции на европските првенства, Шведска (четири злата и едно сребро), Франција (три златни медали и два бронзени), Шпанија (по две злата и бронзи и четири сребра) и Данска (две злата, едно сребро и три бронзи).

ПО ЕДНА ГОДИНА ИДЕНТИЧНИ ПОЛУФИНАЛНИ ДВОЈКИ

Тоа е епилогот по завршувањето на втората фаза по групи, каде што во групата 1 првото место го освои Франција, втора е Шведска, а трет Исланд. Во втората група прва е Шпанија, пред Шведска и Норвешка. Исланд и Норвешка, како третопласирани во групите, ќе играат за пласман на петтата позиција на ЕП 2022. Во мечевите што одлучуваа кој ќе игра во полуфиналето, во Братислава, Шведска ја победи Норвешка со 24-23 (9-14), а во Будимпешта, Франција ја победи Данска со 30-29 (12-17).
Полуфиналните двојки се идентични од Светско првенство (СП) во Египет пред 12 месеци, на кое тогаш Шведска ја победи Франција со 32-26, а Данска беше поуспешна од Шпанија со 35-33. Во финалето подоцна, Данска ја совлада Шведска со 26-24, а трета беше Шпанија, која ја победи Франција со 26-24.

МАКЕДОНИЈА ГИ ДОБИ МОЖНИТЕ ПРОТИВНИЦИ ЗА ВТОРИОТ БАРАЖ

Македонија го освои 22-то место на ракометното Европско првенство (ЕП), во Унгарија и во Словачка, што значи дека ќе има потежок пат до Светското првенство (СП) во 2023 година, во Полска и во Шведска, односно ќе мора да помине два бараж-дуела, од кој вториот ќе биде многу потежок.
Репрезентациите што се пласираа од 16-то до 24-то место ќе бидат во првиот барабан, а таму Македонија ќе биде носител, заедно со Австрија, БиХ, Украина, Литванија, Португалија, Словачка, Словенија и со Белорусија. Можни ривали на Македонија во првиот бараж-дуел (дуелите се планирани кон средината на март) се Белгија, Естонија, Фарски Острови, Финска, Израел, Грција, Италија, Романија и Швајцарија.
Победниците ќе се најдат во барабанот 2, на неносителите, и ќе играат против репрезентациите што се пласирани од шестото до 15-то место на ЕП 2022, со исклучок на Полска, која е домаќин на СП. Според пропозициите, селекциите што ќе освојат медали на ЕП 2022 директно се пласираат на СП 2023, но бидејќи полуфиналистите Данска и Шведска веќе имаат директен пласман на СП, тоа значи дека и петтото место обезбедува пласман на Мундијалот в година, а за него ќе играат Исланд и Норвешка.
Директно во баражот во јуни и како носители се пласираа Чешка, Србија и Унгарија, а ќе играат и уште шест селекции од 12-те од втората групна фаза на ЕП 2022. Така, можни противници на Македонија во баражот во јуни се Србија, Чешка, Унгарија, Русија, Црна Гора, Хрватска, Холандија, Германија и Исланд или Норвешка.


ДЕНЕСКА НА ЕП 2022

МЕЧ ЗА ПЕТТО МЕСТО
Исланд – Норвешка 15.30 ч.
ПОЛУФИНАЛЕ
Шпанија – Данска 18 ч.
Франција – Шведска 20.30 ч.
мечот за третото место (15.30 ч.) и финалето (18 ч.) се в недела

ПЛАСМАН НА ЕП 2022 ОД СЕДМОТО ДО 24-ТО МЕСТО
7. Германија, 8. Хрватска, 9. Русија, 10. Холандија, 11. Ц. Гора, 12. Полска, 13. Чешка, 14. Србија, 15. Унгарија, 16. Словенија, 17. Белорусија, 18. Словачка, 19. Португалија, 20. Австрија, 21. Литванија, 22. Македонија, 23. БиХ и 24. Украина.

НАЈУСПЕШНИ СЕЛЕКЦИИ НА ЕП
Шведска 4 1 0
Франција 3 0 2
Шпанија 2 4 2
Данска 2 1 3
колоните се златни, сребрени и бронзени медали

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2023
Бараж 1 (14-20 март)
БАРАБАН 1: Македонија, Украина, БиХ, Литванија, Словенија, Португалија, Белорусија, Австрија, Словачка
БАРАБАН 2: Швајцарија, Романија, Естонија, Финска, Израел, Фарски Острови, Италија, Белгија, Грција
Бараж 2 (11-17 април)
БАРАБАН 1: Србија, Чешка, Унгарија, Русија, Црна Гора, Хрватска, Холандија, Германија и Исланд или Норвешка
БАРАБАН 2: деветте победници од баражот 1