Македонската репрезентација нема проблеми со сместувањето, додека Франција и Хрватска се жалат на условите во Унгарија

Не знам што се случува во Сегед, но во нашиот хотел нема туристи. Тука се сместени сите четири селекции од нашата група и засега се почитуваат сите превентивни мерки за заштита од коронавирусот, ни изјави македонскиот репрезентативец Филип Талески по пристигнувањето во унгарски Дебрецин, каде што националната селекција ќе ги игра натпреварите од групат А во рамки на Европското првенство.

Загриженост за условите во Унгарија предизвика известувањето на угледниот француски спортски весник „Л’Екип“ за наводната лоша организација, односно сместувањето на француската ракометна селекција во Сегедин. Францускиот весник тврди дека во хотелот каде што е сместена француската репрезентација туристите се шетаат без маски и без придржување кон превентивните мерки.

– Неверојатно е ова, луѓе се шетаат во бикини, нема маски, нема дистанца… Во ваква ситуација тешко дека ќе избегнеме да имаме позитивни случаи. Не знам дали ова е тотално непочитување кон сите играчи кои дадоа сѐ од себе само за да дојдат на ова натпреварување – изјавил голманот на Франција, Венсан Жерар, додека пак францускиот селектор Гијом Жил вели дека ваквата ситуација едноставно е неприфатлива.

Француските медиуми пренесоа и дека Французите за условите во хотелот се пожалиле и на Европската ракометна федерација (ЕХФ), која наводно ја признала грешката и ветила дека ќе ја подобри ситуацијата. Потврда за лошото сместување и непочитување на ковид-мерките во Сегед добивме и од поранешниот ракометар на Металург, хрватскиот репрезентативец Халил Јагањац.

– Сите четири репрезентации од групата Ц сме сместени во ист хотел со еден куп туристи кои воопшто не почитуваат никакви мерки на превенција и претпазливост. Се што читате во француските медиуми е вистина и страшно е ова што ни се случува – ни изјави Јагањац.

Ваквата состојба носи загриженост за здравјето на ракометарите со оглед дека повеќе репрезентации во пресрет на ЕП пријавија голем број на случаи на коронавирус меѓу ракометарите. Земајќи ги предвид условите во кои се сместени селекциите-учеснички не е исклучена можноста проблемот да продолжи и за време на првенството, со што репрезентациите би можеле да бидат доведени во незгодна ситуација со евентуалното отстуство на играчи поради ковид-19.

На ЕП во Унгарија и Словачка, Македонија е дел од групата А во Дебрецин, во која прв противник утре (18 ч. – пренос на МТВ) ќе ѝ биде селекцијата на Словенија, а потоа следуваат дуелите со Црна Гора (15 јануари – 18 ч.) и Данска (17 јануари – 20.30 ч. ). Пласман во главаната фаза од натпреварувањето обезбедуваат двете најдобропласирани селекции по групната фаза. Улогата на бранител на титулата ја има селекцијата на Шпанија која европскиот трон го поседува од ЕП 2018 во Хрватска.