Фото: Игор Бансколиев

Долго го чекав овој момент и ете го дојде! Верувам дека најдоброто допрва доаѓа, но за сѐ треба време, вели за „Нова Македонија“ репрезентативниот бек Филип Талески, кој со десет постигнати гола против Романија (30-22) во синоќешниот бараж-меч за пласман на Светското првенство в година, ја одигра најдобрата партија во националниот дрес, потсетувајќи на своите маестрални партии во времето кога ги бранеше боите на Металург.

Шпанскиот стратег на чело на романскиот состав, Хавиер Пасквал, немаше решение за првата виолина на македонскиот напад и одбрана, левиот бек Филип Талески кој во двата правци одигра беспрекорна партија.

– Прекрасно е чувството повторно да се игра пред полна сала. Уживавме во атмосферата која ни беше голема поддршка и мотив да одиграме тимски и максимално борбен и цврст натпревар – додаде Талески.

Фото: Игор Бансколиев

Со 10 гола Талески беше најефикасен играч во македонскиот состав, а по седум пати на листата на стрелци се запишаа капитенот-селектор Кирил Лазаров и Филип Кузмановски.

Реваншот од полуфиналето на баражот за пласман на СП закажан е за утре во 17 часот во Букурешт. Следен противник на подобриот од овој дуел и последна пречка за пласман на СП ќе биде селекцијата на Чешка.

Миркуловски: Талески покажа дека знае и умее да игра, но треба да се поддржи и кога не му оди најдобро

По одличната партија против Романија, комплименти за Талески прв упати централниот бек и тренер на репрезентацијата Филип Миркуловски.

– Филип Талески покажа дека знае да одигра на врвно ниво, не само поради головите што ги даде туку и со играта во одбрана. Ние како соиграчи и стручен штаб сакаме да му дадеме целосна слобода за игра и пресреќни сме што блесна во сиот негов сјај. Искрено преубаво беше да се слушне како цела сала вика „Талески, Талески“, но сметам дека тој заслужува поддршка и кога не му оди најдобро. Тој има голем потенцијал да биде голем и важен играч во нашата репрезентација – изјави по мечот Миркуловски.