Фаворитската улога ја оправдаа и селекциите на Хрватска, Исланд, Унгарија и на Германија, кои се пласираа на мундијалот во Полска и во Шведска

РАКОМЕТ – БАРАЖ-ДУЕЛИ ЗА СП 2023

Ракометните машки сениорски репрезентации на Србија, Унгарија, Хрватска, Исланд, Германија, како и Белгија (благодарение на елиминацијата на Русија поради воениот конфликт со Украина н.з.), обезбедија пласман на Светското првенство (СП), кое од 11 до 29 јануари 2023 година ќе се игра во Полска и во Шведска.

Најинтересен бараж-дуел беше Србија – Словенија, во кој Србите двапати славеа со по три гола разлика. На гости со 34-31, а во реваншот во Крагуевац со 23-20. Хрватите беа пресилни за Финска и двапати ги победија, на гости, со што ја оправдаа фаворитската улога. По триумфот од 34-21 во првиот натпревар и во реваншот Хрватите беа сигурни и славеа со 36-22. Две победи оствари и Исланд против Австрија, на гости со 34-30 и на свој терен со 34-26. Унгарија не дозволи изненадување и впиша двојна победа против Израел. По минималниот успех во првиот меч со 33-32, во реваншот беа многу поубедливи со 31-22. Очекуван пласман на СП оствари и Германија, која на гости славеше над Фарски Острови со 33-27, а претходно и на свој терен убедливо триумфира со 34-26.

Синоќа пласман преку бараж-реванши на СП, на кое ќе настапат вкупно 32 селекции, требаше да изборат уште три репрезентации, а меѓу нив беше и Македонија, која играше со Чешка во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Како што е познато, во првиот меч во чешкиот град Злин, резултатот беше нерешен 24-24. Ако Македонија синоќа ја елиминирала Чешка, тоа ќе биде нејзино осмо учество во низа на мундијалите. Во другите две средби играа Холандија – Португалија (прв меч 33-30) и Црна Гора – Грција (прв меч 23-25). Титулата на СП во Полска и во Шведска ќе ја брани селекцијата на Данска.