Шведска ќе игра за својот рекорден петти европски трофеј против актуелниот двократен континентален првак Шпанија во финалето на Европското првенство во Словачка и во Унгарија. Тоа ќе биде реприза на финалниот дуел од шампионатот во 2018 година.

Двете селекции во полуфиналните мечеви славеа против фаворизирани ривали. Шпанците беа подобри од двократниот светски првак Данска со 29-25, а Швеѓаните од олимпискиот шампион Франција со 34-33.

Голманот Андреас Паличка забележа 14 одбрани, меѓу кои и клучната за триумф по ударот на Лудовик Фабрегас во самата завршница од мечот, а згора постигна и три гола. Џим Готфридсон со девет погодоци беше најефикасен за Шведска, додека Лукас Пелас погоди седумпати. На спротивната страна Иго Деска забележа осум гола, а Емерик Мине седум.

Кај Шпанија блескаше голманот Перез де Варгас со 13 одбрани додека Алеш Гомез Абелјо имаше 11 гола, а ветеранот Жоан Кањелас реализираше седум удари. Кај Данска, Микел Хансен имаше 8 погодоци.

Шпанија и Шведска ќе играат во финалето в недела од 18 часот, додека претходно во мечот за третото место ќе се сретнат Франција и Данска (од 15.30 часот).