Најдобриот голман во португалскиот шампионат, Никола Митревски, наскоро би можел да ѝ се приклучи на ракометната репрезентација на Македонија на Европското првенство.

Во изминатите два дена Митревски направил три антигенски и еден ПЦР-тест, при што резултатите биле негативни. Репрезентативниот голман претходно беше позитивен на тестирањето во понеделникот, по што остана во Скопје.

За да ѝ се приклучи на репрезентацијата во Деберецин, Митревски треба да добие уште еден негативен ПЦР-тест.

Сепак, според протоколите на Европската ракометна федерација (ЕХФ), тој ќе ги пропушти првите два натпревари, вечерашниот против Словенија и за два дена против Црна Гора.

Митревски би можел да застане на голот на последниот меч од групната фаза против Данска, в понеделник.