РАКОМЕТ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Со одигрувањето на последните два осминафинални реванш-натпревара во ракометната Лига на шампионите (ЛШ), познати се сите осум учесници и двојки во четвртфиналето. Француски ПСЖ и германски Фленсбург се последните екипи што обезбедија пласман.
ПСЖ, откако во реваншот во Париз славеше со 37-30 над норвешки Елверум, додека првиот меч на гости заврши 30-30, во двомечот за пласман на фајналфорот ќе игра против германски Кил. Фленсбург успеа да ја зачува предноста од четири гола од првиот дуел на свој терен против унгарски Сегед, додека во реваншот на гости минимално загуби со 35-36. Во четврт-финалето го очекува актуелниот шампион Барселона.
Ден претходно, унгарски Веспрем го доби двомечот со Вардар откако на гости славеше со 30-22, а дома одигра 31-31 и во четврт-финалето ќе ги одмери силите со европскиот вицепрвак Алборг од Данска. Полски Киелце ќе игра против француски Монпелје, кој претходно, пак, го елиминира Порто, откако на гости одигра 29-29, а дома победи со 35-27.
Првите четвртфинални дуели ќе се играат на 11 мај, а возвратните на 18 мај. Реванш-дуелите пред своите навивачи ќе ги играат Киелце, Алборг, Кил и Барселона.


Четвртфинални двојки

ПСЖ – Кил
Веспрем – Алборг
Монпелје – Киелце
Фленсбург – Барселона