Фото: Игор Бансколиев

Од 1973 година досега, вкупно 14 екипи од осум држави го однеле со себе победничкиот пехар

РАКОМЕТ

И годинава на отвореното игралиште „Горан Попоски-Бабец“ во Струга ќе се одржи традиционалниот меѓународен ракометен струшки турнир, „Вангел Баљукоски-Баљук“, традиција што почна во далечната 1973 година.
На годинешново издание, кое ќе трае до 20 август, ќе играат осум екипи, од кои пет се македонски, Вардар, Еурофарм Пелистер, Бутел, Струга и Алкалоид, како и три странски клуба, АЕК (Грција), Целје (Словенија) и Татран Прешов (Словачка).
Четири од клубовите што и сега ќе настапат веќе го освоиле победничкиот пехар. Најмногу пати победил Вардар, 13, кој и ќе го брани трофејот освоен во минатата година, следува битолски Еурофарм Пелистер со 12, а трети на листата се Металопластика од Србија и Борац Бања Лука од БиХ, со по четири триумфа, Металург и ТК Бренд победија по трипати, Железничар и Шартр од Франција по двапати итн. Досега вкупно 14 екипи од осум држави го однеле со себе победничкиот пехар од турнирот во Струга.
Годинава екипите се поделени во две групи. Во групата А се АЕК, Еурофарм Пелистер, Струга и Татран Прешов, а во групата Б ќе играат Алкалоид, Бутел, Вардар и Целје. Г.И.