Промената на системот на натпреварување во Лигата на шампионите (ЛШ) од сезоната 2020/2021 ја инспирира Европската ракометна федерација (ЕХФ) да распише конкурс за нови идејни решенија на шампионските пехари во машка и во женска конкуренција. Челичната рака со топка кај мажите и трофејот со интересна форма кај жените последен пат ќе бидат доделени на годинешните завршни турнири во Келн и во Будимпешта. Конкурсот, кој трае до 27 март, отворен е за сите заинтересирани и креативни луѓе што ќе понудат нов дизајн за пехарите во машка и во женска конкуренција во најелитното клупско натпреварување. Дизајнот што ќе победи на конкурсот, ЕХФ ќе го објави на 1 јули годинава.