Фото: Игор Бансколиев

Се очекува арената „Феникс“ во унгарски Дебрецин да биде бојадисана во „црвено-жолто“ на мечевите на македонската ракометна репрезентација на Европското првенство кое почнува денес, и покрај бројните протоколи поради пандемијата на коронавирус.

Според неофицијалните најави, неколку стотици навивачи во текот на вчерашниот ден заминаа за Дебрецин за да ѝ пружат поддршка на македонската ракометна репрезентација на уште едно големо натпреварување, кое овој пат се игра во Унгарија и Словачка. А судејќи според фотографиите и објавите на социјалните мрежи и овој пат нема да изостане верната поддршка на македонскиот национален тим, бидејќи голем е бројот на симпатизери од Битола, Тетово, Скопје… кои позираа облечени во боите на Македонија, најавувајќи дека ќе ги бодрат ракометарите на вечерашниот меч со Словенија.

За разлика од Словачка која најави ограничувања на трибините, Унгарците немаат никакви ограничувања, така што македонските репрезентативци би требале да играат пред полни трибини во Дебрецин.

Според протоколите на Европската ракометна федерација (ЕХФ) посетителите во салата ќе мора да покажат валиден сертификат за вакцинација, документ за прележан коронавирус или пак да покажат негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа. Секој од гледачите во салите ќе мора да носи заштитна маска што ќе ги покрива носот и устата во текот на целиот натпревар.

Мечот меѓу Македонија и Словенија почнува во 18 часот (пренос на МТВ).