Фото: РФМ

Благодарност за Лазаров од РФМ и од ЕХФ

По веста дека најдобриот македонски ракометар, Кирил Лазаров (42) се прости од активното играње по повеќе од две децении, безброј постигнати голови и освoени трофеи со бројни клубови во врвни натпреварувања, не стивнуваат реакциите.

– Ти благодариме за вкупниот голем придонес во македонскиот ракомет и ти посакуваме поуспешна работа во понатамошната кариера – стои во пораката напишана од Ракометната федерација на Македонија (РФМ).

Европската ракометна федерација (ЕХФ), исто така, ја потсети јавноста дека Лазаров е ракометен гигант.

– Најмоќниот левучар во Лигата на шампионите. Најдобар стрелец во ова натпреварување. Чист талент во кој уживавме 25 години. Се пензионира на 42 години, големиот Кирил Лазаров. Ќе ни недостигаш, легендо – се зборовите напишани од ЕХФ.

Искусниот стратег Лино Червар, пак, во неодамнешно интервју за „Нова Македонија“, на почетокот на годинава рече дека Македонија во Лазаров доби одлично селекторско решение на долг рок.

– Не се сомневам дека Лазаров ќе даде сѐ од себе за да го наметне и пренесе своето ракометно знаење на играчите и да состави тим кој ќе го отсликува неговиот борбен карактер. Меѓутоа, сите треба да се свесни дека тоа не се постигнува за пет или десет дена, за тоа е потребно време и трпение. Верувам во квалитетите и амбицијата на Лазаров и мислам дека ќе има што да каже и покаже и во улога на тренер и селектор, исто како што тоа го прави како играч – истакна Червар.

Лазаров ќе одигра уште два меча за својот клуб Нант, и тоа еден беше на програмата вчера со Тулуз, на кој ќе се прости пред домашната публика, а викендов во Париз е мечот со ПСЖ во Купот на Франција. Лазаров досега ги бранел клупските боис на Овче Поле, Борец, Пелистер, Загреб, Веспрем, Сиудад Реал, Атлетико Мадрид, Барселона и на Нант. Г.И.