Фото: Маја Јаневска-Илиева
Марко Божиновски

Талентираните ракометари од Македонија, Србија и Хрватска го прикажаа својот талент во денешните натпревари од меморијалниот ракометен турнир „Марко Божиновски“, што се игра во истоимениот спортски центар во Скопје.

Војводина славеше против Бутел со 30-20, Пролет го совлада Вардар со 35-30, Нексе беше убедлив против Еурофарм Пелистер со 39-25, а Голден Арт го доби Алкалоид со 31-23, со што ја оствари втората победа на турнирот.

Момент од мечот Пролет – Вардар/Фото: Маја Јаневска-Илиева

На свеченото отворање на натпреварувањето, одржано попладнево, им беа доделени благодарници на поддржувачите кои го помогнаа турнирот. Првото издание на натпреварувањето што игра во чест на прерано починатиот млад ракометар на Бутел е во организација на фондацијата „Марко Божиновски“.

Божиновски беше дел од кадетската репрезентација на Македонија на Светското првенство во 2019 година во Скопје, а беше дел и од младинската селекција на Македонија. Првите чекори во пионерска и во кадетска конкуренција ги направи во Металург, а последните две сезони го носеше дресот на тимот од Бутел. Трипати беше прогласуван и за играч на колото во сениорска конкуренција, а личниот рекорд му е 21 постигнат гол на еден натпревар.