Македонките се во групата Ц, односно нема да играат против Словенија и Црна Гора, но ни против Унгарија (носител во групата А), која веќе обезбеди место на ЕП

РАКОМЕТ – ЕП ЗА ЖЕНИ 2022

Женската ракометна репрезентација на Македонија ќе биде во третиот барабан, кога на 28 април (17 часот) ќе ги дознае ривалите на Европското првенство (ЕП), кое годинава од 4 до 20 ноември ќе се одржи во Словенија (Целје и Љубљана), Црна Гора (Подгорица) и во Македонија (Скопје), соопшти Европската ракометна федерација (ЕХФ). Трите држави како домаќини обезбедија директен пласман на ЕП. Тоа значи дека Македонките се во групата Ц, односно нема да играат против Словенија и Црна Гора, но ни против Унгарија (носител во групата А), репрезентација што веќе обезбеди место на ЕП. Љубљана и Целје ќе ги организираат мечевите во групите А и Б, а Подгорица во групата Д. Директен пласман на ЕП обезбеди и актуелниот европски првак Норвешка.
Според предвидениот распоред, во Скопје ќе се игра една група од прелиминарната и една група од главната рунда на ЕП, додека финалето ќе се одржи во Словенија. Ова е вторпат Македонија да биде домаќин на ЕП за жени, првиот пат тоа се случи во 2008 година, кога натпреварите се играа во Охрид и во Скопје, а финалето во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, во кое Норвешка убедливо ја надигра Шпанија со 34-21.
Квалификациите за ЕП 2022 треба наскоро да завршат, а досега пласман на ЕП (ќе играат вкупно 16 селекции) обезбедија Швајцарија, Полска, Холандија, Данска и Франција. За Македонија ова ќе биде шесто учество на ЕП. Црвено-жолтите досега настапиле во Холандија 1988 година (осмо место), Романија 2000 (осмо место), Шведска 2006 (12-то место), Македонија 2008 (седмо место) и Србија (16-то место).


Барабан 1: Норвешка и три првопласирани од квалификации
Барабан 2: Црна Гора и три првопласирани од квалификации
Барабан 3: Македонија, Словенија и две второпласирани од квалификации
Барабан 4: четири второпласирани од квалификациите