Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонија на ЕП отпатува без голманите Никола Митревски и Марко Кизиќ, левото крило Гоце Ојлески и левиот бек Михајло Младеновиќ, по што селекторот Лазаров за настап на ЕП дополнително повика двајца голмани, Чаневски и Трајковски. Со слични проблеми се соочуваат и други селекции на ЕП, како и оние што се во групата А со Македонија. Црвено-жолтите утре ги очекува првиот дуел, со Словенија

РАКОМЕТ – УТРЕ ПОЧНУВА ЕП 2022 ВО УНГАРИЈА И СЛОВАЧКА

Македонската репрезентација со 21 ракометар, предводена од селекторот и капитен Кирил Лазаров, вчера со чартер-лет замина на Европското првенство (ЕП), кое од утре до 30 јануари ќе се игра во Унгарија и во Словачка. Црвено-жолтите вчера пред заминувањето го одработија и последниот тренинг, но на ЕП ќе бидат хендикепирани, оти по последниот, трет тест на коронавирусот, кај четворица ракометари (голманите Никола Митревски и Марко Кизиќ, левото крило Гоце Ојлески и левиот бек Михајло Младеновиќ) е детектиран ковид-19. По првите две тестирања, сите повикани репрезентативци беа негативни на ковид-19. По сѐ, Лазаров за настап на ЕП 2022 дополнително повика двајца голмани, Градимир Чаневски и Благојче Трајковски.
Според последните препораки, Европската ракометна федерација (ЕХФ) ги ублажи безбедносните мерки што ќе се користат на собирот. Наместо досегашните 14 дена, позитивните играчи ќе мора да поминат пет дена во изолација за да добијат шанса за настап, притоа ќе треба да имаат два последователни негативни ковид-теста.

Покрај Македонија, со слични проблеми се соочуваат и многу други селекции на ЕП, како и оние што се во групата А со Македонија. Така, пред неколку дена дури осум нови случаи со ковид-19 беа откриени во репрезентацијата на Црна Гора, па останува неизвесен нивниот настап против Македонија. Кај Данците е неизвесен голманот Јаник Грин, кој двапати бил позитивен на ковид-19. Од другите селекции, слични проблеми имаат Хрватска, Србија, Франција, Чешка и други.
Репрезентацијата на Македонија е во групата А, дуелите ќе ги игра во Дебрецин (Унгарија), а ривали ѝ се селекциите на Словенија (утре, од 18 часот), Црна Гора (сабота, 18 ч.) и на светскиот првак Данска (в понеделник, од 20.30 ч.). Првите две репрезентации од секоја од шесте групи ќе се пласираат во втората групна фаза.
За Македонија ова е седмо учество на европските првенства (шесто во низа), а најдобриот пласман го оствари во 2012 година, кога го освои петтото место. Титулата европски првак од 2020 година ја брани репрезентацијата на Шпанија.


МАКЕДОНИЈА НА ЕП 2022

Голмани: Мартин Томовски, Градимир Чаневски,
Благојче Трајковски
Леви крила: Цветан Кузмановски, Бојан Маџовски
Десни крила: Никола Костевски, Гоце Георгиевски
Леви бекови: Филип Талевски, Филип Кузмановски,
Марко Мишевски
Десни бекови: Кирил Лазаров, Мартин Велковски,
Мартин Серафимов
Средни бекови: Филип Миркуловски, Игор Георгиев,
Марко Митев, Горан Крстевски
Пикери: Стојанче Стоилов, Жарко Пешевски, Костадин Петров, Кристијан Симоновски
Селектор: Кирил Лазаров


ДОСЕГАШНИ УЧЕСТВА НА ЕП

ГОД.     ПЛАСМАН

1998     12
2012     5
2014     10
2016     11
2018     11
2020     15
2022     ?