Фото: Маја Јаневска-Илиева

РАКОМЕТ – МЕДИТЕРАНСКИ ИГРИ

Машката ракометна репрезентација на Македонија денеска, во полуфиналето на Медитеранските игри (МИ) во Оран (од 14 часот), ќе игра со Египет за пласман во финалето, откако заврши како второпласирана во групата. Втората полуфинална двојка ја сочинуваат Шпанија и Србија. Црвено-жолтите, кои настапуваат во подмладен состав, се пласираа во полуфиналето откако Шпанија во последниот меч по групи го победи домаќинот Алжир со 31-19, што ѝ овозможи на Македонија да оди понатаму, благодарение на подобрата вкупна гол-разлика од Алжир. Шпанците ги добија сите четири средби и се фаворити за златниот медал. Тунис и Алжир ќе играат за петтото место, Италија и Турција за седмото место, а Грците се деветти, по откажувањето на Словенците, во чии редови имаше повеќе играчи позитивни на ковид-19. Македонските ракометари во својата група забележаа две победи (со Грција со 39-21 и со Турција со 31-22) и по еден пораз (од Шпанија со 22-31) и реми (со Алжир 24-24). Женската репрезентација на Македонија го впиша и третиот пораз во групната фаза на МИ, овој пат од Португалките, со 17-19, и до крајот ќе игра меч за седмото место со поразениот од дуелот Алжир – Тунис. Претходно Македонките во групата Б загубија од Турција, со 27-34, и од Србија, со 18-26. Г.И.