За дуелите во март потенцијални противници се Белгија, Естонија, Фарски Острови, Финска, Израел, Грција, Италија, Романија и Швајцарија, а потоа за средбите во јуни девет селекции од ЕП 2022

РАКОМЕТ – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО

Македонската машка ракометна репрезентација со три порази од три натпревари и без освоен бод го заврши настапот на 15. Европско првенство (ЕП) во Унгарија и во Словачка, освојувајќи го 22-то место. Македонија беше во групата А во Дебрецин и загуби од Словенија (25-27), Црна Гора (24-28) и од светскиот првак Данска (21-31). Македонија ќе игра во квалификациите за Светското првенство (СП) во 2023 година, кои се состојат од два дела, наместо досегашниот класичен бараж со еден ривал. Со завршувањето на претквалификациите за СП и првата групна фаза на ЕП, познати се 18-те репрезентации што ќе играат во март, од каде што деветте победници ќе настапат во јунскиот бараж. Македонија ќе биде носител, заедно со Австрија, БиХ, Украина, Литванија, Португалија, Словачка, Словенија и со Белорусија. Можни ривали на Македонија се Белгија, Естонија, Фарски Острови, Финска, Израел, Грција, Италија, Романија и Швајцарија.
Директно во баражот во јуни и како носители, се пласираа Чешка, Србија и Унгарија, а ќе играат и уште шест селекции од 12-те од втората групна фаза на ЕП 2022. На СП 2023 директно се пласираа домаќините Полска и Шведска и светскиот првак Данска, а на Мундијалот ќе играат и трите најдобри селекции од ЕП 2023, во кои нема да се сметаат Полска, Шведска и Данска. Така, можни противници на Македонија се и шест селекции меѓу Црна Гора, Хрватска, Норвешка, Холандија, Русија, Исланд, Шпанија, Германија и Франција.

Македонија на ЕП 2022 (настапи со 19 ракометари, но имаше и неколкумина позитивни на ковид-19) постигна 70 гола, прими 86, со реализиран успешен напад во просек од 59 отсто. Најефикасни кај црвено-жолтите беа Цветан Кузманоски (22) со 15 гола од 24 шута (63 отсто), Мартин Велковски со 11/17 (65 отсто), Жарко Пешевски со 10/12 (83 отсто) итн. Македонските голмани имаа вкупно 35 одбрани, Никола Митревски 16 (два меча), а Мартин Томовски 19 (три меча). По првата фаза позитивно изненадување се пласманите на Црна Гора и на Холандија. Првите две селекции од двете групи во втората групна фаза на ЕП 2022 ќе играат во полуфиналето. По првите три меча на ЕП 2022 најдобар стрелец е Холанѓанецот Кеј Смит со 32 гола од 41 шут (78 отсто), прв асистент е Швеѓанецот Џим Готфридсон со 21 асистенција, на заедничката листа за голови и асистенции води Смит со 35, најдобар голман засега е Французинот Винсент Жерард со 33 одбрани од 78 шута (42 отсто)…


ВТОРА ФАЗА НА ЕП 2022

ГРУПА 1
Црна Гора – Хрватска 15.30 ч.
Франција – Холандија 18 ч.
Данска – Исланд 20.30 ч.
ТАБЕЛА
Данска 2
Франција 2
Исланд 2
Холандија 0
Хрватска 0
Црна Гора 0

ГРУПА 2
Русија – Шведска 15.30 ч.
Германија – Шпанија 18 ч.
Полска – Норвешка 20.30 ч.
ТАБЕЛА
Германија 2
Шпанија 2
Русија 2
Норвешка 0
Шведска 0
Полска 0