Фото: Твитер/Ракометен сојуз на Словенија

Пропуштивме голема шанса. Словенците беа во грч, се изненадија кога видоа дека и без Кире Лазаров можеме добро да одиграме, кажа еден од најискусните македонски ракометари Филип Миркуловски по мечот со Словенија на Европското првенство, посочувајќи го големиот број на технички грешки како причина за поразот од 25-27.

– Можевме повеќе. Мислам дека ќе имавме позитивен резултат ако ги сведевме грешките на пет-шест помалку. Грешките, сепак, беа пресудни – посочи Миркуловски, додавајќи дека младите ракометари покажале квалитет, како и дека оваа селекција може многу повеќе во иднина.

Селекторот и капитен Кирил Лазаров истакна дека е горд на начинот на кој неговите избраници го одиграле мечот.

– Горд сум поради начинот на кој моите момци го одиграа натпреварот. Истовремено, разочаран сум бидејќи мислам дека заслуживме најмалку бод. Ги изморивме и надигравме, но не верувавме до крај дека можеме да ги добиеме. Пробав да ги убедам, но на крај не успеав во тоа и затоа сум разочаран – изјави Лазаров, додавајќи дека Македонија е на прав пат.

Филип Кузмановски кој денеска постигна пет гола, смета дека македонските ракометари сами се виновни за поразот.

– Одигравме одлично иако ни недостигаше Лазаров и криво ми е што не победивме. Самите сме виновни што загубивме. Сепак, нема простор за разочарување. Одиме напред – порача Кузмановски.