Да ме прашаше некој пред десетина дена, многу веројатно ќе кажев дека ова ЕП не треба да се одржи. Но последните денови, отсуството на одредени играчи на површина донесе ракометари што се млади и неафирмирани и тоа за мене е позитивно. Видовме која селекција со колкав капацитет квалитетни или перспективни играчи располага. Многу селекции имаат големи проблеми и не настапуваат со најсилните состави. Од тој аспект, ова ЕП нема да даде реален одраз на состојбите и добра околност е што сме на почеток на нов олимписки циклус, вели поранешниот играч и ракометен аналитичар Горан Ѓоргоноски

РАКОМЕТ

Европското првенство во ракомет (ЕП) влегува полека во завршната фаза, но коментарите околу тоа колку конечниот пласман на репрезентациите ќе биде реален во услови на ковид-19, кога многу познати ракометари се отсутни, односно дали воопшто требаше тоа да се одржи или пролонгира и понатаму лебдат како прашања. Не треба да се заборави дека, освен што многу играчи беа изолирани на подготовките, откажани се и голем број пријателски натпревари, кои некогаш беа клучни пред големите натпреварувања. А на тоа не беше имуна ни Македонија, која се соочи со четири-пет позитивни ракометари пред и во текот на ЕП, а изостана и подготвителна средба.
Така, ракометните стручњаци, како, на пример, селекторот на БиХ, Ивица Обрван, и Веселин Вујовиќ сметаа дека немало смисла за одржување на ова ЕП во екот на пандемијата на ковид-19. Така што, наместо да се зборува за играчите, нивната форма и можностите за пласман, повеќе доминираше темата колку се позитивни на коронавирусот во одредена селекција, кој ќе игра, а кој нема и какви ќе бидат резултатските последици.

ЃОРГОНОСКИ: НА ПОВРШИНА ИЗЛЕГОА МЛАДИ И НЕАФРИМИРАНИ

– Да ме прашаше некој пред десетина дена, многу веројатно ќе кажев дека ова ЕП не треба да се одржи. Но последните денови, отсуството на одредени играчи на површина донесе ракометари што се млади и неафирмирани и тоа за мене е позитивно. Видовме која селекција со колкав капацитет квалитетни или перспективни играчи располага. Конечниот резултат во секој случај ќе биде одраз на моментниот квалитет, но дали тоа е реалната слика на секоја селекција? Многу селекции имаат големи проблеми и не настапуваат со најсилните состави. Од тој аспект, ова ЕП нема да даде реален одраз на состојбите и добра околност е што сме на почеток на нов олимписки циклус – вели поранешниот играч и ракометен аналитичар Горан Ѓоргоноски.
Од коронавирусот беа погодени речиси сите селекции. Така, Србија на подготовките имаше дури 17 позитивни, подоцна многумина имаа негативен тест или беа во изолација, но последиците од нередовното тренирање сигурно си има своја трага. Хрватска, исто така, имаше проблеми со ковид-19, оти настапија без Домагој Дувњак, а Лука Циндриќ, кој беше позитивен на подготовките, не е во потребната форма токму поради тоа. Франција беше во големи проблеми на подготовките. Покрај многуте повредени ракометари, дополнително, поради ковид-19 беше продолжен списокот на отсутни. Холандија имаше проблеми со голманите, па во последен момент пред средбата со Црна Гора повика чувар на мрежата аматер, а тој, пак, блесна и беше прогласен за играч на натпреварот. Од фаворитите, актуелниот светски првак Данска се чини има најповолен биланс по ова прашање, односно е во најсилен состав.

МАГДИНЧЕВ: ЗА МЕНЕ ОВА Е МНОГУ ДОБАР ШАМПИОНАТ

– ЕП мораше да се игра, бидејки, кој гарантира дека ако се одложи за мај, јуни ќе нема пандемија, можеби и поголема, а вложени се огромни финансиски средства од организаторите и од репрезентациите. Не гледам зошто конечниот пласман да не е реален, па сите репрезентации имаат на располагање по 25 играчи, па на површина излегоа сигурно триесетина квалитетни ракометари што беа во втор план. За мене ова е многу добар шампионат. Најдобрата репрезентација со сите предизвици, сепак, ќе победи – смета ракометниот тренер Ристо Магдинчев.
БиХ пред почетокот на ЕП имаше четворица репрезентативци што беа позитивни на ковид-19. Кај пријатното изненадување на ова ЕП, Црна Гора, тројца играчи беа позитивни, како и селекторот Зоран Рогановиќ, но тој ја презеде селекцијата од второто коло. Словенија пред почетокот имаше само еден позитивен играч на ковид-19 итн.
– Бидејки речиси сите репрезентации имаа проблем со ковид-19 уште во подготвителниот период, сметам дека требаше да се помести првенството во март или во јуни за да им се овозможи на сите учесници нормално натпреварување и без да се изгуби на квалитет ЕП – вели ракометниот тренер Владимир Глигоров.
И покрај сите проблеми со коронавирусот и повредените играчи, Европската ракометна федерација (ЕХФ) не се откажа од ЕП. Но за квалитетот на ракометот и конечниот пласман сигурно ќе може многу да се зборува дури по неговото завршување.
Токму вакво искуство имаше и левото крило Гоце Ојлески, кој токму поради ковид-19 во подготвителниот период отпадна од списокот на селекторот Кирил Лазаров.
– Мислам дека требаше да се игра ова ЕП, меѓутоа немаше потреба од секојдневно тестирање на ковид-19, со оглед на тоа што сите ракометари се вакцинирани, голем дел и го прележаа. И со ова тестирање, 90 отсто беа асимптоматски случаи и попусто седат ракометарите во карантин. Околу конечниот пласман, сигурно големо влијание ќе има бројот на заразените играчи, односно онаа репрезентација со најмалку заразени ќе има подобар пласман – вели Ојлески.


ДВОЈКИ, 4. КОЛО

Група 1
Исланд – Хрватска 15.30 ч.
Данска – Холандија 18 ч.
Црна Гора – Франција 20.30 ч.
ТАБЕЛА
Данска 6
Франција 4
Исланд 4
Холандија 2
Црна Гора 2
Хрватска 0

Група 2
Полска – Русија синоќа
Германија – Шведска синоќа
Шпанија – Норвешка синоќа
ТАБЕЛА
Шпанија 6
Норвешка 4
Шведска 4
Германија 2
Русија 2
Полска 0