Игор Карачиќ - МВП на Фајнал форот во Келн

Статистичките податоци од чип-технологијата, која на годинашниот фајналфор во Келн беше инсталирана во дресовите на играчите и во топките со кои се играа мечевите. Истата таа понуди интересни статистики за физичките перформанси на ракометарите и на голманите, кои во целост ги отсликаа нивните тимски и индивидуални квалитети.

Најискористени играчи кај вицепрвакот Веспрем беа голманот Роланд Миклер и пикерот Блаж Благодиншек со по 67,30 минути на терен. Кај Барселона најдолго на терен беше голманот Перез де Варгаз 94,15 минути, додека, пак, кај Киелце најдолго на терен беа бековите Алекс Душебаев (90,33 мин.) и Лука Циндриќ (89,85 мин.).
Дибиров е во врвот на статистиките и според должината што ја истрчал за време на двата меча, односно со Барселона претрчал 5.165 метри, а со Веспрем 4.302 м или вкупно 9.467 метри. Зад него се ракометарите на Киелце Блаж Јанц со 8.459 м и Лука Циндриќ со 8.140 м.

Статистиката го потврди и изборот на Игор Карачиќ за МВП (најкорисен играч) на турнирот. Имено Карачиќ во двата меча од фајналфорот со своите соиграчи направил 306 додавања. Втор на листата е вардарецот Себастијан Скубе со 236, а трет е Мате Лекаи од Веспрем со 222 додавања.
Голманот на Вардар Дејан Милосављев успеа да одбрани шут со брзина од 129,96 км/ч. Втората најбрза реакција ја имаше шпанскиот голман Перез де Варгаз, кој сопре удар со брзина од 126,83 км/ч, додека, пак, Арпад Штербик сопре удар со брзина од 123,7 км/ч. 


Бомбардерот Андерсон

За разлика од лани, кога двата шута на Никола Карабатиќ со брзина од 133 и 139 км/ч беа сензационален куриозитет, овој пат во Келн имаше вистинско „бомбардирање“ на голманите. Данецот Ласе Андерсон од редовите на Барселона го упати најсилниот шут со брзина од 139,64 км/ч. Белорусинот Уладзисау Кулеш шутираше со брзина од 138,71 км/ч, Португалецот Жилберто Дуарте упати проектил од 138,24 км/ч, Унгарецот Мате Лекаи кон голот на Вардар стрелаше со 136,55 км/ч, додека, пак, најсилниот шут на леворакиот вардарец Дианис Кристопанс беше 134,64 км/ч.

Брзина на шут
Андерсон (Барселона) 139,64 км/ч
Кулеш (Киелце) 138,71 км/ч
Дуарте (Барселона) 138,24 км/ч
Лекаи (Веспрем) 136,55 км/ч
Кристопанс (Вардар) 134,64 км/ч


Дибиров најдолго на терен
Од статистичките податоци по натпреварите, левото крило на Вардар, Тимур Дибиров, најдолго беше на терен во двата меча од завршницата. Со Барселона одигра 58,40 минути, а со Веспрем на терен беше 59,08 минути или вкупно 117,48 минути. Покрај Дибиров најдолго на терен беше вардаровиот голман Дејан Милосављев (96,56 мин.).

Време поминато на терен
Дибиров (Вардар) 117,48 мин.
де Варгаз (Барселона) 94,15 мин.
Благодиншек (Веспрем) 67,30 мин.
Душебаев (Киелце) 90,33 мин.


Јанц ја истрча најбрзата контра
Десното крило на Киелце, Блаж Јанц, ја истрча најбрзата контра на завршниот турнир со брзина од 31,03 км/ч. Во финалето со Веспрем, Дибиров истрча контра со брзина од 29,76 км/час, а со Барселона леташе со 29,52 км/ч, што е за нијанса побрзо од далеку помладите од него Гашпар Маргуч (29,41 км/ч) и Немања Илиќ (29.38 км/ч).

Најбрза контра
Јанц (Киелце) 31,03км/ч
Дибиров (Вардар) 29,76 км/ч
Маргуч (Веспрем) 29,41 км/ч
Илиќ (Барселона) 29,38 км/ч