Во првите две кола на групата А, македонските надежи победија на дуелите со Турција (34-19) и со Косово (39-16) и денеска во директен дуел со Летонија ќе решаваат за првото место во групата. Можни противници во полуфиналето се Швајцарија и Луксембург од групата Б

РАКОМЕТ – ШАМПИОНАТ НА ЕХФ

Машката кадетска репрезентација на Македонија за ракометари до 18 години, со две победи го почна својот настап на Шампионатот на Европската ракометна федерација (ЕХФ) во Рига (Летонија), во групата А, и се пласира во полуфиналето.
Црвено-жолтите, предводени од селекторот Радослав Стојановиќ, во првиот дуел против Турција забележаа триумф со 34-19, каде што стрелец во македонските редови беше Александар Петковски со 10 гола, а Томислав Димковски реализира шест. На голот извонреден беше Давид Брестовац, кој имаше 18 интервенции и беше прогласен за играч на натпреварот.
И во вториот натпревар од групната фаза, македонските надежи победија, овој пат на мечот со селекцијата на Косово, со 39-16. Најдобар во македонскиот состав повторно беше Петковски, со девет гола. Во второто коло Летонија, пак, минимално ја совлада Турција, со 33-32.
Третиот меч во групата македонските ракометри ќе го играат денеска, со домаќинот Летонија, со кој ќе се одреди победникот на групата А. Двете првопласирани селекции од секоја од двете групи ќе се пласираат во полуфиналето. Од групата Б, пак, пласман меѓу четирите најдобри стекнаа селекциите на Швајцарија и на Луксембург, кои денеска ќе го одиграат натпреварот за првото место во нивната група. Во исто време се играат уште два шампионати на ЕХФ, во Израел и во Романија.
Победниците ќе се пласираат на Светското првенство (СП) в година и на Европското првенство (ЕП) во 2024 година. Г.И.