Фото: Маја Јаневска-Илиева

Изборот падна на Котевски затоа што освен што е човек кој знае ракомет, кој знае да го пренесе знаењето, тој е и еден од ретките тренери што веројатно ги знаат сите македонски играчи во сите лиги, вели претседателката на клубот Металург, Зорица Блажевска

РАКОМЕТ

Игор Ко­тев­ски (49) е но­ви­от тре­нер на ракометниот клуб Ме­та­лург. Тој доаѓа на местото на Иван Марковски, кој пред неполн месец си замина од Автокоманда. Котевски претходно беше и тренер на Металург 2, а бил тренер и на Бутел Скопје, младинската екипа на Пролет и Голден арт. Котевски има и репрезентативно искуство како играч, беше дел од македонската репрезентација што настапи на своето прво Европско првенство (ЕП) во Италија, во 1998 година, на кое одигра одлично, постигнувајќи 26 гола од 35 удари кон голот, а на дуелите против Русија (5 гола) и Шпанија (6) беше најефикасен во македонските редови.
– Игор Котевски започна со тренинзи на првиот тим. Веќе беше дел од Металург, работеше со втората екипа, го знае системот за работа со младите играчи и верувам дека ќе биде успешен и со првата екипа. Изборот падна на Котевски затоа што освен што е човек кој знае ракомет, кој знае да го пренесе знаењето, тој е и еден е од ретките тренери што веројатно ги знаат сите македонски играчи во сите лиги. Знам да го наречам „матица“ на македонски играчи и тоа се поклопува со она што заедно со Миле Бочкаровски сакаме да го направиме за наредната сезона во двете сениорски екипи – вели претседателката на клубот Металург, Зорица Блажевска.
Со Котевски се очекува во клубот да дојдат и нови играчи.
– Во овој момент нема многу слободни македонски играчи, а ние како клуб сме познати по тоа дека не сакаме да „крадеме“ ракометари од други клубови, туку да преговараме со играчи и управи на клубови за слободни ракометари. Веројатно на две позиции ќе мора да донесеме странци, кои доколку се покажат квалитетни, би ги задржале и за наредната сезона, па на моментниот ростер би додале квалитетни македонски ракометари – потенцира Блажевска.
Тимот од Автокоманда е на осмото место на табелата, со 21 бод, четири помалку од Охрид, Тиквеш и Пролет, кои се борат за едно место што води во плејофот. Од регуларниот дел на сезоната остануваат уште шест кола, а потоа се разигрува за титулата и за опстанокот.
– Се надевам дека наскоро и финансиската ситуација ќе се подобри и ќе ни оди во прилог на сегашната стабилизација. Останокот во Суперлигата не е доведен во прашање во ниеден момент, излез во Европа оваа сезона не беше во план, со оглед на тоа дека целта е финансиска стабилизација, која одлично започна, но ситуацијата со ковид-19 ја пролонгира – додава Блажевска.